• понеделник, 23 декември 2024

Шахпаска: Градинките се подготвени за поголемо присуство на децата од 1 септември, 71 процент од вработените во градинките се веќе вакцинирани

Шахпаска: Градинките се подготвени за поголемо присуство на децата од 1 септември, 71 процент од вработените во градинките се веќе вакцинирани
Скопје, 1 септември 2021 (МИА) - Градинките се подготвени за поголемо присуство на децата од 1 септември, меѓутоа и понатаму почитувањето на мерките претставува врвен приоритет. Согласно последниот пресек 71 процент од вработените во градинките се веќе вакцинирани, истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска при денешната посета на клонот „Сончогледи“ во склоп на градинката „Весели цветови“ во општина Кисела Вода. Таа посочи дека по една година искуство можат да говорат за тоа дека кога се почитуваат доследно протоколите, коишто се пропишани од страна на Комисијата за заразни болести, а коишто се прифатени од страна на Владата безбедно, згрижувањето на децата во градинките е безбедно. - Нашиот апел којшто произлезе и од заедничката средба со директорките на скопските градинки, меѓутоа и градинките од целата држава е сите вработени да пристапат  кон процесот на вакцинација, затоа што преку грижа за личниот имунитет тие придонесуваат и за колективниот имунитет, пред се за грижата за нашите најмлади, односно за децата згрижени во градинка, нагласи Шахпаска. Министерката за труд и социјална политика наведе дека е спроведен и онлајн состанок со останатите вработени коишто се уште не се вакцинирани и три доктори заедно со претседателот на Комисијата за заразни болести со цел разбивање на дилемите коишто ги имаат невакцинираните вработени во градинките. - Јас и понатаму заедно со сите вработени од МТСП будно ќе ја следиме состојбата со вработените во градинките, со бројот на позитивни како вработени, така и деца. Имајќи предвид дека претходно не постоеше трансмисија меѓу дечињата во градинките се надевам дека и овој број на вирусот од пандемијата на КОВИД -19 предизвикан со делта сојот ќе успееме безбедно да го премостиме и да се вратиме на нашето нормално секојдневие, рече Шахпаска. Околу протоколите, министерката рече дека остануваат протоколите, односно вработените прво треба да си ја измерат сопствената температура и во текот на целиот ден да носат заштитни маски. Согласно протоколите, додаде таа, да не влегуваат во други групи освен во групата за која што се конкретно задолжени, честа дезинфекција во услови кога им дозволуваат временските прилики и работа на отворено со децата и често проветрување на просториите во коишто престојуваат. Во врска со зарезените со Ковид-19 во градинките, Шахпаска наведе дека во петокот бројката на позитивни вработени е 17 и шест позитивни дечиња. Сепак, како што рече. можам да кажам дека состојбата во градинките е стабилна и е под контрола -  Имајќи го предвид фактот што сега се очекува поголемото присуство на децата од 1 септември во градинка ние будно ја следиме состојбата, поотенцираше Шахпаска. Таа информираше дека во моментот, бројката од петокот е 4.408 деца присутни во градинките, а бројот на слободни места, согласно со вчера важечките протоколи е 25.500. Околу сместувачките капацитети во градинките, министерката посочи дека согласно анализите, коишто ги имаат, согласно епидемиолошката состојба во моментов покриени се потребите, меѓутоа факт е дека ни недостасуваат нови места за сместување на деца во градинките. - И пред пандемијата имавме потреба од отворање на нови градинки, односно нови сместувачки капацитети. Сакам да истакнам дека и во услови на пандемија МТСП заедно со локалната самоуправа, заедно со општините продолжи со процесот на градење на градинки. Редовно ги истакнуваме бројките. За една година отворивме 15 нови градинки на територијата во целата држава, дури и во рурални средини затоа што за нас како Министерство, но пред се како Влада секое дете во државата е важно. И до крајот на годината сериозно се финализирани работите на постоечки околу 10 градинки коишто очекувам да бидат отворени, меѓутоа заради процесот на избори нема да биде тоа свечено отворање на градинките, ние би оделе да направиме увид до каде е финализирање на работите на градинките, потенцираше Шахпаска. Таа информирашње дека како Министерство испратиле допис за зголемување на групите со дополнителни дечиња. - Меѓутоа секогаш бевме одбивани се до минатата недела кога е внесена таа одлука, препорака на Комисијата за заразни болести и вчера на владина седница беше донесена одлуката за проширување на бројот за дополнителни пет деца. Ние веќе имавме една измена на протоколот на 19 мај кога беше зголемен бројот од 15 на 20 деца во групите од две до шест години, а сега се зголемува тој број за дополнителни пет деца. Јас верувам дека грижата за децата ќе биде на ист начин како и за тие 20 деца, дека ќе биде безбедна и дека доследно ќе се почитуваат протоколите, заклучи Шахпаска. см/ац/

Остани поврзан