• петок, 22 ноември 2024

Шахпаска ги повикува граѓаните да ги искористат активните мерки од Оперативниот план со цел зголемување на активноста на пазарот на трудот  

Шахпаска ги повикува граѓаните да ги искористат активните мерки од Оперативниот план со цел зголемување на активноста на пазарот на трудот   
Скопје, 17 ноември 2021 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, при денешната посетата на Крушево ги повика граѓаните да се вклучат и да ги искористат активните мерки од Оперативниот план, со цел да се намали невработеноста на сметка на зголемување на активноста на пазарот на трудот. Преку мерките Обука и вработување на лица кои ќе се грижат за лицата со попреченост и лица со хронични болести во заедницата и Поддршка на претприемништво и формирање на правни субјекти даватели на услуги за грижа на заедницата, во Крушево се вработени 13 лица кои испорачуваат грижа за вкупно 58 корисници. Како што информираат од МТСП, при увидот во имплементацијата на програмата за Економска грижа од Оперативниот план преку која се спроведува мерката Општинско корисна работа, министерката ги посетила Дневниот центар за деца и младинци со посебни потреби и 76-годишната Соња Рунеска. - При посетата на домот на 76-годишната Соња Рунеска, која сама живее 11 години и страда од многу болести, се уверив дека помошта која ја добива од негувателката Љубица Стојческа е клучна за олеснување на нејзиното секојдневие. Стојческа ѝ помага при обезбедувањето на основните животни активности како што се набавка на храна и лекови, плаќање на сметки, во зимскиот период ѝ помага да обезбеди огрев и да го исчисти снегот, а по барање на корисникот готви и посредува за поправки во домот. Негувателката ѝ помага во разубавување на едноличното секојдневие и подигање на духот, рече Шахпаска, пренесуваат од МТСП. Министерката потенцирала дека Крушево е една од четириесет и шесте општини кои во  2021 и 2022 година кои ќе реализираат услуги на локално ниво. За спроведување на овие мерки, како што пренесуваат, ангажирани се 550 невработени лица кои испорачуваат социјални услуги за околу 8 500 крајни корисници од различни ранливи категории. При посетата на Крушево министерката Шахпаска го посетила и Дневниот центар за деца и младинци со посебни потреби кој во моментов го посетуваат шест деца а за нив се грижат дефектолог, воспитувач, медицинска сестра и техничко лице. Од МТСП велат дека со мерката Поддршка на претприемништво и формирање на правни субјекти даватели на услуги за грижа на заедницата, на граѓаните кои се заинтересирани за започнување на свој сопствен бизнис овозможена е парична помош во висина од 5 000 евра за едно лице или 10  000 евра за два содружника. Дополнуваат дека министерката Шахпаска остварила средба и со градоначалникот на Крушево Томе Христоски, при која било потенцирана и хуманоста на крушевчани бидејќи има 26 згрижувачки семејства кои се грижат за 36 деца. ар/дма/

Остани поврзан