• недела, 17 ноември 2024

Шаленберг: Ако не ги прифати уставните измени и не продолжи да оди по европскиот пат Северна Македонија се соочува со опасноста да биде изолирана

Шаленберг: Ако не ги прифати уставните измени и не продолжи да оди по европскиот пат Северна Македонија се соочува со опасноста да биде изолирана

Скопје, 13 јули 2023 (МИА) - Ако не ги прифати уставните измени и не продолжи да оди кон европскиот пат Северна Македонија се соочува со опасноста да биде изолирана, порача денеска од Скопје шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин Бујар Османи и министрите за надворешни работи на Чешка и на Словачка, Јан Липавски и Мирослав Влаховски кои се во посета на земјава.

-Штом ќе почнат преговорите, тоа е неповратен процес. Земјата чека 18 години да дојде до овој момент. Сега вам ви останува да го искористите овој момент. Политички треба да се биде одговорен и пред се да се имаат националните интереси. Моментот е сега и ве уверуваме дека не се мешаме во внатрешните работи на земјата, порача Шаленберг. 

Шаленберг нагласи дека не се случува секој ден тројца министри на три членки на ЕУ да дојдат во земја на Западен Балкан, што, како што кажа, треба да биде силна порака за вас 

-Нашата порака е едноставна и силна - тоа е порака на охрабрување, нема време за губење, би сакале да продолжите со потребните уставни измени за да почнете со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на Северна Македонија. Би било штета Скопје, откако истрча еден тежок маратон да се сопне на следната пречка. Долг пат изминавме заедно и надминаме многу тешкотиии, дециден е тој.

Порача и дека задача на сите граѓани од оваа држава е да не отидат залудно сите овие напори.

-Навистина ми е задоволство и чест да сум ваш домаќин. Вашата посета ја читам како силна принципиелна поддршка на Северна Македонија и нејзината европска перспектива, поддршка која што всушност и никогаш не отсуствувала од вашите земји, рече од своја страна Османи.  

Османи кажа дека денеска повторно се наоѓаме на крстопат.

-Од една страна започнати преговори, успешно спроведен скрининг и на неколку месеци пред отворањето на кластерите и поглавјата. Но, за првпат нам ни е даден клучот – самите да ги отклучиме поглавјата и кластерите и успешно да го продолжиме процесот на преговорите, рече Османи на прес-конференцијата со тројцата министри од ЕУ.  

Министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка попладне ќе одржат прес-конференција и во Делегацијата на ЕУ во Скопје. нд/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан