• четврток, 14 ноември 2024

Чулев: Состојбата на терен е мирна, најголем дел од граѓаните ги почитуваат мерките

Чулев: Состојбата на терен е мирна, најголем дел од граѓаните ги почитуваат мерките
Скопје, 23 март 2020 (МИА) - Полициските службеници не се сами во извршување на нивните обврски, тука е поддршката од мене и поддршката од сите граѓани кои со почитување на одлуката на Владата покажуваат исклучителна почит кон униформираните лица кои се грижат за нашата безбедност и нашето здравје. Ова го истакна министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев при синоќешната посета на полициските пунктови на територијата на Град Скопје, преку кои полициските службеници го контролираат спроведувањето на одлуката на Владата со кое се ограничува движењето на граѓаните во периодот од 21 до 06 часот. Состојбата на терен, како што истакнал Чулев, е мирна и најголемиот дел од граѓаните ја почитуваат одлуката на Владата. Според министерот Чулев, со силна меѓусебна поддршка можеме заеднички да придонесеме во борбата против вирусот, кој е заканата за нашето здравје и нашите животи, и апелира до граѓаните да останат во своите домови, за себе за своето здравје и за својот живот. - Министерството за внатрешни работи вечерва ќе постапи превентивно, односно ќе ги предупреди граѓаните кои го прекршуваат ограничувањето на движењето, а веќе во текот на утрешниот ден полициските службеници ќе преземаат мерки за санкционирање на граѓаните, истакнал Чулев при вчерашната посета. бт/сп/

Остани поврзан