• петок, 05 декември 2025

Чолаку: Ќе предложам ПСД да ја напушти владејачката коалиција и јас ќе поднесам оставка

Чолаку: Ќе предложам ПСД да ја напушти владејачката коалиција и јас ќе поднесам оставка

Букурешт, 5 мај 2025 (МИА) - Ќе им предложам на моите колеги во Социјалдемократската партија (ПСД) да ја напуштат владејачката коалиција и да поднесам оставка од функцијата премиер, изјави романскиот премиер Марсел Чолаку.

-Оваа коалиција беше формирана со две цели. Една - да се формира влада; и втора - да се има заеднички кандидат за функцијата претседател на Романија. Една од двете цели - да се има заеднички кандидат за претседател на Романија - не беше постигната. Крин Антонеску не влезе во вториот круг. Затоа, договорот за коалиција не беше исполнет. Денес ќе им предложам на моите колеги ПСД да ја напушти оваа коалиција. Доколку моите колеги гласаат за напуштање на коалицијата, природно е јас, премиерот на коалицијата, да поднесам оставка, рече Чолаку во седиштето на ПСД.

Претходно денеска, владејачката коалиција во Романија, составена од Социјалдемократската партија (ПСД), Националната либерална партија (НЛП) и партијата Демократски сојуз на Унгарците во Романија (ДУХ), свика итен состанок поради резултатите од првиот круг од претседателските избори и поразот на заедничкиот кандидат Крин Антонеску. Тој се најде на третото место, престигнат од независниот кандидат и актуелен градоначалник на Букурешт, Никусор Дан.

Ова е втор неуспех за владејачката коалиција, откако на претседателските избори минатиот ноември, Марсел Чолаку, како лидер на Социјалдемократската партија, се кандидираше и се најде на третото место зад кандидатот на крајната десница Калин Георгеску и поранешната лидерка на Сојузот за спасение на Романија Елена Ласкони, додека Николае Чиука, како лидер на НЛП, уште повеќе заостануваше на ранг-листата и поднесе оставка по гласањето. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан