Членови на Стоматолошка комора бараат оставка од претседателот Маријан Денковски
- - Тука сме да ја изразиме нашата загриженост за актуелните случувања во Стоматолошката комора на Македонија под водство на доктор Маријан Денковски. Неговите одлуки и политики, од ден на ден предизвикуваат се поголеми проблеми и незадоволство помеѓу стоматолозите, рече на прес-конференција доц.д-р Амела Цана, специјалист по ортодонција.

Скопје, 27 февруари 2025 (МИА) - Членови на Стоматолошка комора денеска побараа оставка од претседателот на комората Маријан Денковски.
- Тука сме да ја изразиме нашата загриженост за актуелните случувања во Стоматолошката комора на Македонија под водство на доктор Маријан Денковски. Неговите одлуки и политики, од ден на ден предизвикуваат се поголеми проблеми и незадоволство помеѓу стоматолозите, рече на прес-конференција доц.д-р Амела Цана, специјалист по ортодонција.
Во демократско општество, додаде таа, изразувањето на мислењето и дијалогот на интелектуалците може да биде само најефикасен начин за доаѓање до вистински конструктивни решенија на проблемите.
- За жал, за претседателот на СКМ тоа е основ за поведување на дисциплински постапки, санкции и прогон на своите колеги. Доктор Маријан Денковски, против своите неистомисленици поведува дисциплински постапки пред Судот на честа, кој се занимава со се, освен со задачата што му е доделена со Законот за здравствена заштита, истакна таа.
Притоа нагласи дека во Комората, како што рече, владеел целосен тоталитаризам и самоволие, се прогонувале членови на здруженија и делегати, се воведувале глоби и парични казни за што не постоела никаква законска основа. Таа посочи нереално прикажани финансиски извештаи, ненаменско трошење на средствата од фондот за солидарност, се елиминирале одредени здруженија, a се фаворизирале други и така натаму. Самоволието, рече, одело до тој степен, што комората не почитувала пресуди на Уставен и Управен суд.
- Веруваме дека во државата постојат институции што ќе застанат на патот на ваквото самоволие во стоматолошката комора и ќе го вратат достоинството на докторите по дентална медицина. Бараме веднаш министерот за здравство да постапи согласно неговите законски надлежности и да стави крај на ваквото владеење. Поради се погоре наведеното и предизвикана материјална и нематеријална штета на угледот и честа на голем број колеги, но и финансиска штета на средствата од сите членови на комората, сметаме дека најмалата работа што Маријан Денковски треба да ја направи, е да си поднесе итна и неотповиклива оставка од функцијата, на која е избран, спротивно на Статутот, за кој избор се уште е во тек управна судска постапка, подвлече Цана. бд/лв/
фото:МИА архива