• понеделник, 23 декември 2024

Членови на мото клубот „Желки“ од Кочани возеа рели до најсеверната точка во Европа

Членови на мото клубот „Желки“ од Кочани возеа рели до најсеверната точка во Европа

Кочани, 8 јули 2024 (МИА) – Четворица членови на мото клубот „Желки“ од Кочани успешно ја завршија тринеделната рели експедиција до најсеверната континентална точка во Европа и се вратија дома.

На маршрутата долга 11,5 илјади километри со појдовна точка од Кочани, моторџиите возеа низ 17 европски земји, а крајната цел им беше котата Нордкап во Норвешка, што се смета за најблиска европска копнена точка до Северниот пол.

-За нас ова беше рели на издржливост, со намера за што пократко време да се поминат повеќе километри. Сепак, малку го пролонгиравме затоа што постоеше ризик за мојата здравствена ситуација. На Нордкап стигнавме со поминати седум илјади километри, а таму беше особено тешко да се вози поради лошите временски услови, проследени со силен ветер и пороен дожд, а имаше и магла. Потоа ја напуштивме Скандинавија, возејќи низ Финска и преку балтичките држави безбедно стигнавме дома. Немавме никакви проблеми ниту од здравствена природа, ниту со мотоциклите, истакна Момчило Хаџи Паунов, претседател на Мото клубот „Желки“ – Кочани.

Релито на членовите на кочанскиот мото клуб е регистрирано во Мотоциклистичката федерација на Македонија, а се реализираше со поддршка од компании од Кочани и Виница. та/сст/

 

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан