• понеделник, 23 декември 2024

Членовите на ПСК „Осогово“ од Кочани маркираа планинарска патека до врвот Китка

Членовите на ПСК „Осогово“ од Кочани маркираа планинарска патека до врвот Китка

Кочани, 27 јуни 2023 (МИА) – Во рамки на одбележувањето на Националниот ден на планинарските патеки, членови на планинарскиот спортски клуб „Осогово“ од Кочани маркираа планинарска патека со должина од 10 километри во еден правец, од манастирскиот комплекс Еленец кај селото Цера до врвот Китка на Осоговските Планини.

Активноста се реализираше во соработка со Федерацијата за планинарство (ФПСМ), која обезбеди материјална поддршка, а со одобрение од Комисијата за планинарски патеки. Обележувањето на патеката го предводеше претседателот на кочанскиот планинарски клуб, Тошо Антов кој е лиценциран маркацист при ФПСМ.

-Маркирањето се изведе согласно важечките законски прописи и правила, со поставување кружна маркација, таканаречена Кнафелцова ознака, како и со земна, лентовна маркација на камења. За време на акцијата беа коригирани сите неправилни маркации што некој претходно ги поставил, а погрешно обележаните се целосно поништени. Се работи за средно тешка патека што не бара големи напори и посебна физичка подготовка, а која е многу посетена од планинарите од нашата држава, но и од странство. Тие сега ќе имаат поголема прегледност при движењето, особено ако пешачат првпат или пак во неповолни временски услови, истакна Антов.

Со комплетирање на маркирањето, патеката до врвот Китка и официјално влегува во мапата на планинарски патеки на ФПСМ, како и во списокот на меѓународните планинарски асоцијации.

Во последните три години членовите на ПСК „Осогово“ реализираа маркирање на уште осум правци на Осоговските Планини и на Плачковица, при што стручно обележани се над 100 километри планинарски патеки. та/мд/

Фото: ПСК „Осогово“

Остани поврзан