Чистење на каналската мрежа во општина Илинден
- Општина Илинден, во соработка со Водостопанство „Скопско Поле“, од почетокот на годината, исчисти 22 километри отворени одводни канали, со цел да се обезбеди проточност на каналската мрежа, информираат од општината.
Скопје, 24 ноември 2023 (МИА) - Општина Илинден, во соработка со Водостопанство „Скопско Поле“, од почетокот на годината, исчисти 22 километри отворени одводни канали, со цел да се обезбеди проточност на каналската мрежа, информираат од општината. Исто така, општината, во соработка со ЈКП „Илинден“, општествено одговорни компании и граѓаните, исчисти уште околу 34 километри каналска мрежа.
- Во изминатиот период се изврши машинско чистење на А-канал во населено место Илинден со вкупна должина од 3800 метри, машинско чистење на Сисавец 1 и Сисавец 2 на Главен канал кои се наоѓаат во локално-економската зона во населено место Марино во вкупна должина од 1300 метри, известуваат од локалната самоуправа.

Оттаму соопштуваат дека, од страна на општината, со општествено одговорни компании и ЈКП „Илинден“, е извршено отворање на нови канали и одведување на атмосферските води, а со тоа и решавање на неколку критични точки.
- Направен е ископ на нови канали во населено место Бунарџик во должина од 400 метри, ископ на нов канал – крак на ул. 9 со ул. 21 и ул. 23 – нивелирање на каналот и поставување на цевки во должина од 30 метри, ископ на нов канал на ул. 1 во населено место Мралино и одведување на атмосферските води во канал Азмак со поставување на цевки во должина од 6 метри, ископ на нов канал кој ги поврзува ул. 10 и ул. 7 во населено место Кадино и одведување на водите во Шамак, информираат од Општина Илинден.

Од локалната самоуправа нагласуваат дека согласно предвидената динамика во тек е машинско чистење на канал Азмак на потег Марино-Мралино со вкупна должина од 4800 метри, а во текот на месец декември ќе се изврши машинско чистење на канал Шамак во населено место Кадино со вкупна должина од 1500 метри.

- Со редовното одржување на каналската мрежа се овозможува непречен проток на атмосферските води, се спречува настанувањето на поплави и се обезбедува чиста животна средина која е еден од условите за квалитетен живот на населението, потенцираат од Општина Илинден. ир/са/
Фото: Општина Илинден