• недела, 24 ноември 2024

Чибишев најавува вработувања по конкурс и закон, 18-те вработени од денеска не се на работа (ДПЛ)

Чибишев најавува вработувања по конкурс и закон, 18-те вработени од денеска не се на работа (ДПЛ)

Скопје, 3 јули 2024 (МИА) - Новиот директор на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев денеска на прес-конференција посочи дека најголем проблем на оваа клиника е недостигот на кадар. Најавува интензивни напори да се надмине проблемот. 

Вели дека има недостиг од секаков кадар и дека веднаш се потребни околу 15-тина лица, пред сѐ млади кадри, бидејќи просечната старост на вработените на Клиниката е над 50 години.

- Се договара агендата како да се надмине проблемот прво за летото, а потоа и за подолгорочно, побрзо да добиеме согласности, рече Чибишев на денешната прва средба со новинарите по неговото назначување, нагласувајќи дека нема повеќе да има, како што рече, каубојски вработувања.

Најави вработување според конкурси и закони. 

- Нема да има реваншизам, прогон на неистомисленици, рече Чибишев, најавувајќи подобрување на условите за пациентите и за персоналот и подобра комуникација со медиумите.

Тој потенцираше дека ќе направат сѐ во иднина да имаат 24-часовна покриеност на токсиколошката лабораторија.

- Бидејќи сега немаме персонал, биолог ќе работи само прва смена, меѓутоа во втора смена, до 22 часот, ќе биде на повик и ако има потреба за итна токсиколошка проценка или проверка на некој материјал, ќе го повикуваме од дома. Така што работата нема да трпи, нагласи директорот.

За 18-те лица кои беа ангажирани на Клиниката, а за кои имаше реакции во јавноста, Чибишев соопшти дека тие од денеска веќе не се на работа.

За нив, како што посочи, немало согласност од Министерството за финансии туку само документ во кој Министерството се прогласува за ненадлежно, а од Државната комисија за спречување на корупција и ДСЗИ било оспорено вработувањето поради избори и непотпишување од страна на двајцата директори. Чибишев соопшти дека 650 илјади денари била штетата од тоа што работеле без согласност. 

Во однос на осигурувањето на Клиниката, за што исто така беше покренато прашањето откако беа поплавени дел од просториите на оваа клиника, Чибишев рече дека тендерот е во завршна фаза.

Директорот на Клиниката за токсикологија во Скопје рече дека во минатото, исто така, биле запоставени протоколите за зависници од опојни дроги и алкохол и најави нови протоколи и методи за детоксикација, надградба и развој на токсиколошки информативен центар. бд/бак/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан