Чешка ја криминализира комунистичката пропаганда
- Чешкиот претседател Петр Павел потпиша измена на кривичниот закон со која се криминализира пропагандата на комунистичката идеологија, ставајќи ја во ист ранг со нацистичката пропаганда, јави „Еурактив“.
Прага, 18 јули 2025 (МИА) – Чешкиот претседател Петр Павел потпиша измена на кривичниот закон со која се криминализира пропагандата на комунистичката идеологија, ставајќи ја во ист ранг со нацистичката пропаганда, јави „Еурактив“.
Ажурираното законодавство предвидува затворска казна до пет години за секој што „создава, поддржува или промовира нацистички, комунистички или други движења кои јасно имаат за цел сузбивање на човековите права и слободи или поттикнуваат расна, етничка, национална, верска или класна омраза“.
Овие промени доаѓаат како одговор на барањата од чешките историски институции, особено Институтот за проучување на тоталитарните режими, кои сметаа дека постоечкото законодавство е правно неурамнотежено.
Комунистичката партија на Чешка и Моравија (КСЧМ), предводена од европратеничката Катерина Конечна, која сега е дел од новата изборна коалиција под името „Доста“ („Stačilo“), ја осуди одлуката како политички мотивирана.
- Ова е уште еден неуспешен обид за исфрлање на КСЧМ надвор од законот и за заплашување на критичарите на актуелниот режим, се наведува во соопштението на партијата.
Засега не е јасно како новиот закон ќе се применува врз партии како КСЧМ. Иако партијата во моментов нема пратеници во парламентот, според последните анкети нејзината коалиција има поддршка од пет проценти што би можело да биде доволно за враќање во долниот дом на изборите во октомври. јт/
Фото: МИА архива