• понеделник, 23 декември 2024

Четврт модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Четврт модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Скопје, 8 октомври 2023 (МИА) - Викендов во Дојран се одржа четвртиот модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование на тема „Геополитички импликации на војната во Украина: улогата на ЕУ и НАТО во регионот на Западен Балкан“, во соработка со фондацијата „Конрад Аденауер“ во Северна Македонија.

Како што информираат од Кабинетот на претседателот, поздравни обраќања и завршни согледувања имале проф. д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, советник на претседателот за надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања и вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Даниела Поповска, член на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование и координатор на проекти при Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Северна Македонија.

Пред учесниците на четвриот модул на Школата за политики се обратил и шефот на Делегацијата на Европската унија во земјава, амбасадорот Дејвид Гир, кој говорел за предизвиците на политиките за проширување на ЕУ.

Професорите Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на УКИМ, Стефан Сурлиќ од Факултетот за политички науки од Белград и Јоргос Кристидис од Катедрата за балкански, славистички иориентални студии при Универзитет „Македонија“ во Солун, одржале предавања на тема „Билатерални договори во регионот – привремени решенија или трајно решавање на долготрајни отворени билатерални спорови“.

Учесниците на четвртиот модул имале можност да дискутираат и за регионалните спорови во рамки на процесот на европската интеграција на регионот, која била и тема на која се обратил Зоран Нечев од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје.

За местото и значењето на ефективниот мултилатерализам во време на глобални предизвици, пред учесниците говорел амбасадорот Пајо Авировиќ, специјален пратеник на претседателот при Постојаниот совет на Меѓународната организација на Франкофонијата и директор на Директоратот за мултилатерални односи и безбедносна соработка во Министерството за надворешни работи.

Учесниците на модулот биле вклучени и во работилницата „Кинеското влијание во Западен Балкан: Лост или кочница во приближувањето кон ЕУ?“, која ја водела Ана Крстиновска од НВО „ЕСТИМА“.

Школата за политики се одржува трета година по ред, во соработка со партнерски фондации и организации коишто се дел од Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование: Фондацијата „Фридрих Еберт“ за Северна Македонија, Меѓународниот републикански институт (ИРИ), фондацијата „МК2025“, Фондацијата „Конрад Аденауер”, Фондацијата за демократија на Вестминстер во Северна Македонија и Националниот демократски институт (НДИ).фф/бак/

Фото: Кабинет на претседателот 

Остани поврзан