• среда, 13 ноември 2024

Чествување на годишнини од раѓањата на  Петре М. Андреевски, Матеја Матевски и Гане Тодоровски на СВП

Чествување на годишнини од раѓањата на  Петре М. Андреевски, Матеја Матевски и Гане Тодоровски на СВП

Струга, 25 август 2024 (МИА) - Во рамки на 63. издание на меѓународната поетска манифестација „Струшките вечери на поезијата“ денеска во Струга се чествуваа раѓањата на  Петре М. Андреевски, Матеја Матевски и Гане Тодоровски и беше промовирана збирка со нивни песни на Брајево писмо.

За ликот и делото на македонскиот книжевен великан, еден од најдаровитите македонски раскажувачи, академик Петре М. Андреевски во чест на 90-годишнината од неговото раѓање говореше академик Влада Урошевиќ, кој во својата беседа го нарече „волшебник“.

- Од сите македонски поети Петре М. Андреевски успеа да навлезе најдлабоко во древноста на Македонија, да го оживее тој свет кој веќе, во детските години на овој поет, беше на работ на исчезнување и чиишто траги тој знаеше да ги насети и да ги изрази на еден извонредно креативен начин. Тргнувајќи од своето село, како од некое скриено јадро во кое се крие тајната суштина на цела една земја, Петре М. Андреевски ја слика, во својата поезија, картата на Македонија чиишто поетски граници се далеку пошироки и посеопфатни од географските, рече Урошевиќ. 

За поетот Матеја Матевски, кој е вториот македонски добитник на „Златниот венец“, се осврна македонскиот поет, есеист и преведувач, Иван Џепаровски. 

- Светот што го осветлува Матеја Матевски со својата поезија е светот на потеклото и на раѓањето, светот на убавината и на добрината, а оттаму и светот на вистината. А што е нашиов денешен омаж на поетот Матеја Матевски на девеведесет и петгодишнината од неговото раѓање, ако не е празник, вистински празник на поезијата и на вистината! Празник, зашто неговата поезија од денес ќе може да се чита и да се доживува и со допирот на прстите,  истакна Џепаровски. 

Беседа посветена на 95-годишнината од раѓањето на еден од највпечатливите македонски поети и доминантна личност во македонистиката, академик  Гане Тодоровски имаше професорката Кристина Николовска.

- Како да се опише Ганевата грандиозна поетска, литературно-научна, препевна, уметничка, културолошка, творечка, општествена и патриотска мисија. И може ли да се опише творечката и креативна „планета-опус“ на раскошен полиграф со над,  230 наслови на дела. Фасцинантна е полиграфската мапа на: поетот, преведувач, литературен критичар, есеист, историчар на литература, теоретичар, врвен македонист, публицист, полемичар, антологичар, редактор, приредувач на изданија избори и препеви (македонски и странски), истражувач на фолклорот, театролог, сценарист, патеписец, културолог, општественик, кажа Николовска. 

Во рамките на манифестацијата беше промовирана и збирка-поезија од Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски и Матеја Матевски, испечатена на Брајово писмо.

Струшките вечери на поезијата завршуваат вечерва со манифестацијата „Мостови“ на Мостот на поезијата, со поетски читања и врачување на највисоките признанија, наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“„Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“ на годинашните лауреати Жан Пјер Симеон, “,Катрин Пиц, Катица Ќулафкова и Филипа Сара Попова. сс/лв/

фото:лого СВП

 

Остани поврзан