• петок, 22 ноември 2024

Две невообичаени пријави во изминатото деноноќие на Единствениот број за итни случаи 112

Две невообичаени пријави во изминатото деноноќие на Единствениот број за итни случаи 112

Скопје, 28 мај 2024 (МИА) — Центарот за управување со кризи информира дека на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, покрај секојдневните 1500 до 2000 пријави кои ги добиваат, изминатото деноноќие добиле две невообичаени пријави.

Како што соопштуваат од Регионалниот ЦУК Скопје, едната пријава се однесува на рој пчели на височина од 10 метри пред зграда на бул. „АСНОМ“ во општина Аеродром, што претставувало опасност за жителите.

По остварениот контакт со лицето што го пријавило случајот, пчелите е безбедно дислоцирани од страна на професионалци од Здружението на пчелари, а по извршената координација и барање од ЦУК, биле контактирани и други институции и јавни претпријатија.

– Вчера имаше пријава за роење на пчели што се имаат собрано на гранка во поголем збиен рој, пред зграда на бул. „АСНОМ“, Општина Аеродром. Тоа претставуваше опасност за жителите кои живеат и се движат во непосредната околина на тој формиран рој пчели, особено за децата на коишто тој рој им предизвикува внимание за одблизу да го видат. Ова не е првпат да се има вакви примери за отстранување роеви пчели од урбани средини, но при овој пример е неодминливо да се спомне големата самоинцијативност и помагање од страна на граѓаните коишто не седеа „со скрстени раце“ и да гледаат од страна, туку активно помагаа на пчеларите од Здружението на пчелари, информираа денеска од Центарот за управување со кризи.

Другата невообичаена пријава за која информира ЦУК се однесува за надвисната гранка од дрво која била заплеткана во кабли под напон.

– Веднаш РЦУК Скопје го извести одговорното лице на ЈП „Паркови и зеленило“ за понатамошна постапка. По извидувањето на лице место од ЈП „Паркови и зеленило“ известиле дека за да се изврши сечење ќе треба да поминат неколку денови. Конкретно гранката била заплеткана во кабли од ЕВН што се под напон. Покрај тоа што требало ЕВН да ја исклучи струјата и да изврши најава за прекин во електроснабдувањето во тој реон, потребно е да се оствари и безбеден начин на сечење, а да не се прекинат каблите или околните куќи, соопшти Центарот за управување со кризи. 

Според информациите во ЦУК, двете институции координативно ќе ја извршат санацијата во некој од наредните денови.  ра/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан