• петок, 22 ноември 2024

ЦГК: Државата наплатува само 8,2 милиони евра годишно за експлоатација на минералните суровини

ЦГК: Државата наплатува само 8,2 милиони евра годишно за експлоатација на минералните суровини
Скопје, 13 април 2021 (МИА) - Концесија за користење минерални суровини имаат добиено 264 фирми на кои им се издадени вкупно 358 концесии, со кои е опфатена површина од 349 квадратни километри, што е 1,4 отсто од вкупната територија на државата, покажуваат резултатите од  истражувањето и базата на податоци на доделени концесии за минерални суровини за 2019 година што денеска ги објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Според податоците, вкупно се експлоатираат 50-тина видови минерални суровини, а најмногу 110 концесии се издадени за експлоатирање на варовник, за вода 47 и за песок и чакал 43. Најмногу од концесиите - 32 се издадени на територијата на Општина Прилеп, по што следат Гостивар со 21, Струга со 18 и Сопиште со 15 концесии. Најмногу концесии по девет, имаат Цементарница УСЈЕ од Скопје и градежната фирма Гранит од Скопје, шест има МИСА-МГ од Скопје, а пет концесии има Кнауф Радика од Дебар. - За добиените концесии се плаќа надомест по две основи: за користење на површината и за експлоатираните количини. По првата основа, годишно се прибираат само околу 800 илјади евра, додека по втората основа, за количината на експлоатираната суровина се прибираат 7,4 милиони евра. Или вкупно по двете основи се прибираат околу 8,2 милиони евра, велат од ЦГК. Најголем годишен надомест, прецизираат, плаќаат рудникот Саса 2,2 милиони евра и рудникот Бучим 1,2 милиони евра. - Тие заедно плаќаат дури 43 отсто од вкупните пари што годишно се слеваат во државната каса за експлоатацијата на суровините, посочуваат од ЦГК. Нагласуваат дека истражувањето се реализира во рамките на активноста „Јавно трошење за јавно добро“, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, чија цел е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста. вј/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан