• понеделник, 25 ноември 2024

Царовска: Училиштата се подготвени за настава со физичко присуство

Царовска: Училиштата се подготвени за настава со физичко присуство

Прилеп, 26 август 2021 (МИА) - Сите училишта се подготвени за старт на учебната година на 1 септември. Ќе започнеме со физичко присуство и перманентно ќе ја следиме ситуацијата, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска денеска во Прилеп каде изврши увид во реконструктивните зафати во гимназијата „Мирче Ацев“ и изградбата на спортската сала во основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со ставовите на две здруженија од кои едни бараат онлајн настава и право на избор на секој родител, а други настава со физичко присуство, Царовска рече дека ги почитува сите мислења, но дека ќе се спроведе владината одлука за почеток на наставата со физичко присуство.

- Сите ја следат епидемиолошката состојба на локално ниво и сите сме тука, заедно да гледаме која е опцијата да почнеме сите истовремено под еднакви услови. Секако, секој има право да го каже своето мислење, јас го почитувам тоа. Ние се водиме од меѓународните и од нашите, домашни искуства од минатата година и од препораките на Комисијата за заразни болести. Она кое е утврдено на владина седница уште во јуни е дека Министерството треба да се подготвува за три сценарија: едното е целосно физичко присуство, другото е хибриден модел и поледното- сите со онлајн настава. Неодамна, пред три владини седници, сите заедно, по препорака на Главниот координативен штаб, донесовме одлука учебната година да почне на 1 септември и да стартува со физичко присуство за сите ученици во сите училишта. Тоа го подготвуваме и за тоа се подготовките, појасни Царовска.

Доколку Комисијата за заразни болести во даден момент процени дека треба да се примени друго сценарио, како што посочи Царовска, тогаш ќе се донесе нова одлука во интерес на учениците. Околу 65 проценти од наставниот и другиот помошен кадар во училиштата е вакциниран што според министерката е добро за почеток на учебната година со физичко присуство.

- Како Министерство апелираме, но морам да кажам дека досега сум задоволна со одѕивот на наставниците за вакцинација, зашто тоа е, речиси, двојно повеќе од националниот просек. Тоа укажува дека наставниот кадар е навистина свесен за потребата од вакцинација и одговорен, рече Царовска. ем/бак/

Остани поврзан