• петок, 22 ноември 2024

Храмот на Пресвета Богородица во Ростуше светна во полн сјај, венчавка по речиси осум децении

Храмот на Пресвета Богородица во Ростуше светна во  полн сјај, венчавка по речиси осум децении

Дебар 7 септември 2023 (МИА) - По речиси осум децении, како што потврдува црковната книга, во сечесниот храм на Пресвета Богородица во долнореканското село Ростуше, двајца млади го кажаа судбоносното „да“ и на вечна љубов се заколнаа пред Бога.

Мартина и Владимир Јовевски и двајцата од Скопје, поодамнешни жители на селото Ростуше, двегодишната љубов ја крунисаа со брак со благослов од Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј.

-Денеска станува голема радост, како за земната, така и за небесната црква, затоа што во овој свет и сечесен храм што неодамна го осветувавме, се раѓа еден нов почеток, се гради уште една црква во мало – имено, светата брачна заедница помеѓу Владимир и Мартина. Дај Боже овој брак да биде квас за повеќе христијански бракови во славниот крај на Мијачијата, посака владиката Партениј.

-Љубете се еден кон друг. Бидете од оние кои се љубат брзо и си проштеваат. Дури и кога ќе има некакво недоразбирање, љубовта ќе ве врати на правиот пат. Бракот е, пред сè, преданост и жртва. Денес луѓето не се научени на жртва, не сакаат подвиг. Насекаде бараат радост, исполнетост и љубов, но не ги наоѓаат, затоа што сакаат да го избегнат крстот.
Сакаат некаков друг ’христос‘, кој ќе им ги исполнува само егоистичните желби. Но, Спасителот Христос ни вели: „Кој сака да врви по мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по мене. Бог да ве благослови и да ве обдари со таква божествена љубов што ќе ја најдете само во Христа, ги благослови владиката Партениј, чиј лик посотојано го красеше насмевка што ја чувствуваше во неговата душа.

Честитајќи им го бракот со желби до година да ја крштеваат нивната рожба, не можевме а да не им го поставиме прашањето зошто метрополата ја замениле со селска средина. Одговорот и на двајцата е дека мирниот начин на живот, волшебната природа и блискоста на Бигорскиот манастир, кој е стар повеќе од илјада години е еден од мотивите поради кои одлучиле да го продолжат својот живот во селото Ростуше.

-Ова место ни даде можност да се спознаеме себеси и да ги спознаеме вистинските вредности во животот. Една од клучните работи исто така е и подршката на владиката Партениј кој со неговото трпение и неизмерна љубов знае да ги насочи неговните духовни чеда и да го развие нивниот потенцијал, велат двајцата.

За новиот брачен пар еден голем предизвик е да учествуваат во мисијата на Владиката Партениј за мултикултурниот развој на регионот.

Откако решиле остатокот од животот да го продолжат во овој крај без никаков притисок и слободна волја, владиката Партениј им овозможи редовна работа во „Гостинскиот Палат“ „ и „ Куќа на Мијаците“ кои имаат посетители од целиот свет.

Покрај оваа работа, Владимир при неговиот престој во манастирот магистрирал Дизајн на ентериер и се запишал на архитектонскиот факултет, а исто така секојдневно учествува и, во голем дел од проектите за внатрешно уредување во различни објекти во овој крај.

-За ваков начин на живот сонувавме уште од деца, а Господ преку благословот на старецот и владика Партениј ни овозможува овој сон да се реализира. Господ преку благословот на нашиот владика ни овозможи овој наш сон да се реализира, посочуваат Мартина и Владимир.

Храмот на Пресвета Богородица, издигнат над пенливата Радика и со поглед на Бигорскиот манастир, за кој постои сигурен запис дека постоел уште од првата половина на 15. век, беше обновен и осветен на 30 јули годинава. вт/љм/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан