• четврток, 26 декември 2024

Холандскиот крал до локалните муслимани и евреи: Да не внесуваме омраза на нашите улици 

Холандскиот крал до локалните муслимани и евреи: Да не внесуваме омраза на нашите улици 

Брисел, 26 декември 2024 (МИА) – Во традиционалното божиќно обраќање до нацијата, холандскиот крал Вилем-Александер упати посебна порака до муслиманите и евреите во Холандија, повикувајќи ги да покажат поголемо разбирање и единство и да се спротивстават на „сето она што ги раздвојува“. 

- Мораме да се погрижиме да не внесуваме горчина и омраза на нашите улици. На еврејските Холанѓани кои ми велат дека стравуваат за нивната иднина овде, им велам: Останете. Ние си припаѓаме едни на други. На холандските муслимани им велам: Ова е и ваша земја, ова исто така е ваша земја, порача кралот Вилем-Александер. 

Во тој контекст, холандскиот монарх во своето божиќно обраќање се осврна и на тензиите во општеството предизвикани од различни геополитички конфликти во странство.  

- Тензиите се видливи, како на меѓународно ниво, така и во нашата земја. Тоа не прави вознемирени. Многу луѓе се чувствуваат несфатени, несакани, незаштитени, додаде кралот. 

Пораката на шефот на холандската држава доаѓа во време кога е се повидлива тензичната атмосфера меѓу припадниците на муслиманската и на еврејската заедница во Холандија. 

Овие тензии го достигнаа својот врв пред неколку недели кога на улиците на Амстердам дојде до физички пресметки меѓу навивачите на израелскиот фудбалски тим „Макаби“ од Тел Авив и пропалестински активисти. 

Според кралот Вилем-Александер, токму ваквите настани укажуваат на важноста меѓународните конфликти, како што е војната во Газа, „да не се увезуваат“ во холандското општество.  

- Одговорноста за решавање на главните светски проблеми и горчливи конфликти е на друго место и е надвор од нашата моќ. Но, дали тоа не прави немоќни? Не, дефинитивно не... Бидете отпорни кон сето она што не раздвојува, додаде кралот. 

Тој посочи дека согласно холандското законодавство, секој човек е еднаков пред законот и не е дозволена дискриминација.  

- Ние не користиме насилство, дури ни кога се чувствуваме повредени или погрешно разбрани. Овие принципи не се предмет за расправа или дискусија и важат за секого, секогаш, додаде холандскиот крал Вилем-Александер во божиќно обраќање до жителите на Холандија. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан