Холандската војска регрутира лекари и медицинари
- Холандското Министерство за одбрана итно се обидува да регрутира десетици лекари и медицински сестри за да им се приклучат на вооружените сили на земјата, како професионални војници или резервисти, јавија локални медиуми.

Амстердам, 13 март 2025 (МИА) - Холандското Министерство за одбрана итно се обидува да регрутира десетици лекари и медицински сестри за да им се приклучат на вооружените сили на земјата, како професионални војници или резервисти, јавија локални медиуми.
Според холандските медиуми, полковникот-пилот Саскиа Мирхоф рече дека Министерството се подготвува за можна војна на територијата на Северноатлантската алијанса (НАТО) и дека овие медицински работници се потребни за грижа за ранетите војници кои би биле транспортирани во Холандија од мисиите во странство.
Според неа, холандската армија веќе спроведува вакво регрутирање во 14 големи болници. Мирхоф рече дека холандската војска има потреба од најмалку 12 лекари „интензивисти“ - оние кои би работеле во единиците за интензивна нега и „десетици“ дополнителни медицински сестри.
-Треба да го прошириме нашиот капацитет со медицински персонал кој може да ги придружува сериозно ранетите луѓе од (точка) А до (точка) Б. Холандија мора да може да ги префрли ранетите назад во болница во нашата земја, нагласи таа.
Во мисиите во странство, Холандија веќе има хируршки тимови составени од хирурзи, анестезиолози и медицински сестри, кои им се придружуваат на холандските војници, но досега секогаш се потпираше на други земји, како Германија или Обединетото Кралство, за транспорт на ранети војници.
-Сега мораме да го направиме тоа сами, рече Мирхоф, додавајќи дека новите тимови за интензивна нега треба да бидат обучени и распоредени до 2028 година. мс/
фото: ЕПА