• недела, 22 декември 2024

Харис за Си-Ен-Ен: Мора да се постигне договор за прекин на огнот во Појасот Газа

Харис за Си-Ен-Ен: Мора да се постигне договор за прекин на огнот во Појасот Газа

Вашингтон, 30 август 2024 (МИА) - Американската потпретседателка и демократска претседателска кандидатка, Камала Харис, изјави дека мора да се постигне договор за прекин на огнот во Појасот Газа, истовремено нагласувајќи го правото на Израел да се брани и дека палестинскиот народ претрпе премногу во овој конфликт.

 Во интервју за Си-Ен-Ен, прво по прифаќањето на демократската номинација, Харис оцени дека администрацијата на американскиот претседател Бајден успеала да ги намали илегалните премини на мексиканско-американската граница во последните месеци, како и да ја „закрепне економијата“ по пандемијата на коронавирусот, вклучително и намалување на стапката на невработеност.

Претходно годинава таа го поддржа договорот меѓу републиканците и демократите за безбедноста на границата, што би вклучил стотици милиони долари за изградба на граничен ѕид. Трамп изврши притисок врз републиканците во Конгресот да го поништат овој договор, но Харис вети дека ќе го потпише во закон доколку биде избрана.

Таа нагласи дека е важен консензусот и во таа насока се обврза да вклучи републиканец во нејзиниот претседателски кабинет, без да споменува конкретно име.

Харис додаде дека ќе го исполнила своето ветување да биде претседателка „за сите Американци“.

-Мислам дека е важно кога се донесуваат некои од најважните одлуки на маса да има луѓе кои имаат различни мислења, истакна Харис.

  Зборувајќи за повлекувањето на актуелниот претседател Џо Бајден од изборната трка, по што таа стана демократска кандидатка, Харис рече дека телефонскиот повик во кој ја информирале дека Бајден се повлекол од кампањата ја затекол со нејзиното семејство на вечера.

Таа оцени дека Бајден има интелигенција, посветеност и расудување што се потребни и американскиот народ ги заслужува да ги има кај својот претседател, додека републиканскиот кандидат Доналд Трамп нема ниту еден од тие квалитети.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан