• сабота, 15 февруари 2025

Хамас му предаде тројца израелски заложници на Црвениот крст

Хамас му предаде тројца израелски заложници на Црвениот крст

Кан Јунис, 15 февруари 2025 (МИА) - Израелските заложници Сагуи Декел-Чен (36), Саша Троуфанов (29) и Јаир Хорн (46), кои беа заробени од членовите на Хамас и Исламски џихад на 7 октомври 2023 година, утрово се ослободени во Кан Јунис како дел од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Заложниците излегле од комбето и во придружба на вооружени членови на Хамас биле однесени на бина, каде што се предадени на Црвениот крст.

Ослободувањето, договорено како дел од спогодбата за прекин на огнот со Израел, беше спроведено без никакви инциденти под строги безбедносни мерки во присуство на десетици борци од двете фракции, пренесува Ал Џезира.

Како што објави „Тајмс оф Израел“, како и при претходните предавања на заложниците, тројцата носеле „подароци“ и сертификати што им биле дадени од членови на Хамас.

Заложниците кратко зборуваа на сцената, опкружени со маскирани борци.

Ова е шеста рунда размена од почетокот на првата фаза од прекинот на огнот на 19 јануари, а досега се разменети 21 заложник и повеќе од 730 Палестинци од израелските затвори.

Во последните денови, прекинот на огнот беше доведен во прашање поради спорот што се закануваше повторно да ги разгори борбите во Газа. Хамас во четвртокот објави дека планираниот редослед за ослободување на заложниците ќе продолжи по разговорите со посредниците од Египет и Катар, кои, според палестинското движење, дале гаранции дека ќе ги отстранат сите пречки и ќе се погрижат Израел да дозволи повеќе шатори, медицинска опрема и други основни предмети да влезат во Газа.

Возила на Црвениот крст утринава пристигнаа на местото каде Хамас ги ослободи заложниците. Како и за време на претходните размени, десетици маскирани и вооружени борци на Хамас се наредија во близина на бината украсена со палестински знамиња и ознаки на милитантните фракции. 

Вкупно 369 Палестинци треба да бидат ослободени од израелските затвори подоцна во текот на денот, во согласност со договорот за прекин на огнот. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан