• петок, 27 декември 2024

Формиран Совет за даночна усогласеност за директна соработка на УЈП со малите и средните претпријатија

Формиран Совет за даночна усогласеност за директна соработка на УЈП со малите и средните претпријатија

Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - Управата за јавни приходи (УЈП) во соработка со претставници на стопанските комори, коморите на сметководители, Адвокатската комора, ревизорски куќи и консултанти  формирала Совет за даночна усогласеност.

Како што соопшти УЈП, целта е преку овој советодавен орган да се овозможи меѓусебна тесна соработка за да се  подобрат процесите на даночна усогласеност, да се разменуваат  и идентификуваат  предизвиците со кои се соочуваат даночните обврзници мали и средни претпријатија и нивните советници и брзо да се креираат  предлог - препораки за унапредување на даночната политика и регулативите.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, на настанот го  презентирала Стратешкиот план на УЈП 2025 – 2027 „Напред во чекор со предизвиците и реалните можности“, новата визија и приоритетните проекти на УЈП.

-Иновациите во процесите, технологиите и услугите за даночните обврзници се клучни за успехот на УЈП во новата реалност. Со агилност и флексибилност, УЈП ќе се прилагодува на брзите промени,  со цел  заедно, партнерски, да обезбедиме одржливост, сигурни приходи и даночна усогласеност на сите  чинители во економијата, истакнала Петрова.

Претседавачот на Советот за усогласеност, Мухедин Авдиќ, пред присутните појаснил дека телото кое УЈП го формира со малите и средните претпријатија, ќе разгледува решенија кои би го подобриле функционирањето и ефикасноста на процесите, услугите и законските овластувања на УЈП, засновани на реалните предизвици и потребите на даночните обврзници.

-Со тоа ќе се овозможи помал јаз во знаењето и разбирањето, ќе се делува проактивно за спречување на грешки во плаќањето даноци и ќе се зајакнува даночната усогласеност. Советодавното тело ќе разгледува документи кои се однесуваат на мониторинг и анализа на примената на даночните регулативи. Притоа соработката може да ги вклучи и судските органи кои се вклучени во решавање на даночните спорови. Со тоа се поттикнува усогласено разбирање на даночната регулатива и спроведување на даночната политика, но и можност за носење заклучоци за подобрување, истакнал Авдиќ во обраќањето пред присутните.

Советот, како што појаснил,  ќе се фокусира на подобрување на ефикасноста на услугите, преку организирање настани како тркалезни маси и работилници, кои ќе го унапредат знаењето на учесниците за новите регулативи и најдобрите практики во областа на даночната усогласеност.

-Присутните претставници на мали и средни компании, здруженија и комори ја поздравија оваа иницијатива и изразија поддршка за продлабочување на соработката, како и заедничкото креирање на препораки кои ќе го подобрат даночниот систем и ќе ја унапредат даночната дисциплина во земјата. Тие нагласија дека формирањето на Советот е значајна можност за подобрување на комуникацијата и разбирањето помеѓу даночната администрација и даночните обврзници. Со оваа иницијатива, УЈП има за цел да ја унапреди комуникацијата со даночните обврзници, да го зајакне нивното разбирање за даночните обврски и да поттикне проактивност во спречувањето на грешки при плаќањето даноци. Во рамките на Советот, ќе се разгледуваат и стратешки иницијативи и даночни реформи, со цел да се создаде средина која ќе интегрира нови технологии и ќе го модернизира процесот на даночното пријавување и наплата, информира УЈП. 

Покрај тоа, Советот ќе се фокусира и на етичкиот аспект на даночната пракса, „поттикнувајќи одговорно однесување и почитување на законите, како од страна на даночните обврзници, така и од страна на даночната администрација“.

Формирањето на овој Совет, наведува УЈП.  претставува значаен чекор кон зајакнување на даночната усогласеност и создавање партнерски однос помеѓу УЈП и даночните обврзници, што ќе придонесе за општествениот просперитет и развој. хс/дма/

Фото: Управа за јавни приходи 

Остани поврзан