• сабота, 23 ноември 2024

Формирана регионална мрежа за соработка во областа на одземање на незаконски стекнат имот

Формирана регионална мрежа за соработка во областа на одземање на незаконски стекнат имот
Скопје, 9 март 2021 (МИА) - Формирана е регионална мрежа на судии, обвинители, истражители и претставници на агенции за управување со одземен имот од регионот на Западниот Балкан, што има за цел да придонесе за побрзо откривање и процесуирање на сторители на кривични дела. Ова е прва таква соработка во регионот и е воспоставена во рамки проект од Програмата за Западен Балкан на АИРЕ центарот за унапредување на индивидуалните права во Европа и Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ). Резултатите од двогодишниот проект, во кој учествуваат и претставници на институциите на Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Косово, се презентирани на министерствата за правда, агенциите за управување со одземен имот, судии и обвинители од Југоисточна Европа на завршната конференција „Борба против корупцијата во Југоисточна Европа: зајакнување на соработката на полето на одземање на незаконски стекнат имот", информираат денеска од АИРЕ центарот и РАИ. Учесниците на конференцијата, се вели во соопштението, имале можност да слушнат повеќе за меѓународните перспективи во областа на одземање на незаконски стекнат имот за кои зборувале претставници на клучни европски институции. - Секоја година во регионот се одзема незаконски стекнат имот чија вредност е повеќе милиони евра. Трајно одземениот имот станува јавна сопственост и треба да се користи во најдобар јавен (општ) интерес. Одземањето на незаконски стекнат имот ја зајакнува довербата во работата на институциите и испраќа порака дека криминалот не се исплатува, се вели во соопштението од АИРЕ. Во текот на проектот, кој е поддржан од Владата на Велика Британија, се изработени и четири прирачници во кои се анализирани законодавството, ускладеноста со европските и меѓународните стандарди, можноста за прекугранична соработка и воспоставување на механизам за статистичко евидентирање на случаи на одземање на незаконски стекнат имот. аа/сп/

Остани поврзан