• вторник, 05 ноември 2024

Фон дер Лајен: Можеме да се справиме со климатските промени, ни требаат технологија и пари 

Фон дер Лајен: Можеме да се справиме со климатските промени, ни требаат технологија и пари 

Брисел, 9 септември 2023 (МИА) – Климатските промени се дело на човекот, што значи дека ние можеме да се справиме со овој предизвик, за што ни е потребна технологија и ни требаат финансии, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на сесијата „Една земја“ на Самитот на Г20 во Њу Делхи.

- Само земјите од Г20 учествуваат со 80 отсто во емисиите на стакленички гасови. Од друга страна, на Африка отпаѓаат помалку од 4 проценти од емисиите на стакленички гасови, но таа е меѓу најпогодените од климатските промени, рече Фон дер Лајен, потенцирајќи дека останува обврска да се обезбедат 100 милијарди долари за оваа година за финансирање на проекти за справување со климатските промени.

Таа посочи дека ЕУ во тоа финансирање само во 2021 година учествувала со 27 милијарди долари, додавајќи дека Унијата ќе продолжи да одвојува средства во борбата против климатските промени.

Фон дер Лајен истакна дека ЕУ успеа да ги намали емисиите на штетно гасови за 35 проценти, но дека на глобално ниво светот се уште е далеку од остварување на поставените цели на Конференцијата за климата во Париз.

- Науката ни кажува дека нема да ја оствариме нашата цел да го ограничиме глобалниот раст на температурата на 1,5 степени. Ако сакаме да ја достигнеме нашата цел за ограничување на зголемувањето на температурата на 1,5 степени, треба тројно да ја зголемиме употребата на обновлива енергија и да ја удвоивме енергетската ефикасност до 2030 година. Се гледа само она што е мерливо, ние го знаеме тој принцип, додаде Фон дер Лајен. 

Таа најави дека само во следните пет години, преку својата програма „Глобална порта“, ЕУ ќе инвестира најмалку четири милијарди евра во обновливи извори на енергија во земјите во развој, потенцирајќи дека за справување со климатските промени потребно е да се привлече „многу приватен капитал“. 

- Климатските промени се глобална појава и фактор што придонесува за несигурност во обезбедувањето на храната. Безбедноста на храната е жртва и на руската агресија во Украина. Ја повикуваме Русија да дозволи житото од Украина да стигне до светските пазари преку Црното Море. Правиме се од себе за да го олесниме житото да стигне до светските пазари преку копнениот пат. Но, за глобалните цени да се стабилизираат, житото мора да патува и по море. Никој не треба да гладува, а лидерите на Г-20 имаат одговорност и алатки да овозможат проток на жито до таму каде што е потребно, потенцира Фон дер Лајен. 

Таа воедно го поздрави приемот на Африканската Унија во Г20, при тоа осврнувајќи се нејзиното неодамнешно учество на Африканскиот самит за климата во кенискиот главен град Најроби. 

- Само што се вратив од Кенија, од Самитот за климата, Од таму гласот на Африка одекна низ целиот свет, особено гласот на нејзината младина преку Младинскиот форум во Кенија, кој не соочи со нашата одговорност како лидери со прашањето: Нашите земји горат и се дават, дали ќе бидете тука за нас?, додаде Фон дер Лајен. 

На Самитот на Г20 што денеска и утре се одржува во индискиот главен град Њу Делхи, покрај Фон дер Лајен, ЕУ ја петставуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и еврокомесарот за економија Паоло Џентилони. сп/ссм/

Фото: Скриншот

Остани поврзан