• петок, 17 април 2026

Фон Бекерат за ново истражување: Цврсто мнозинство во Србија го поддржува пристапувањето во ЕУ

Фон Бекерат за ново истражување: Цврсто мнозинство во Србија го поддржува пристапувањето во ЕУ

Белград, 27 март 2026 (МИА) - Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Србија, Андреас фон Бекерат, денеска сподели резултати од анкета што покажува дека 39,8 проценти од српските граѓани го поддржуваат членството во Унијата.

Според него тоа е „цврсто мнозинство што го поддржува приклучувањето“ кон Унијата.

Како што напиша на социјалната мрежа X, перцепцијата за мотивите на ЕУ за проширување покажува дека се уште има работа што треба да се направи во јавната комуникација на ЕУ и напорите за презентирање информации засновани на факти.

„Се радувам на разговор со граѓаните на Србија за да објаснам зошто веруваме дека иднината на Србија е во ЕУ“, рече фон Бекерат.

Клучните наоди од истражувањето на Центарот за европски политики се дека 39,8 проценти од граѓаните го поддржуваат членството на Србија во ЕУ, додека 33,8 проценти се против членството, додека 26,4 проценти се неутрални.

Поддршката за членство во ЕУ е поголема кај луѓето со повисоко образование, а се намалува кај оние со пониско образование.

Најсилна поддршка за членство во ЕУ даваат луѓето на возраст од 18 до 29 години, а најмалку луѓето над 60 години.

Речиси една четвртина од граѓаните – 23,9 проценти, веруваат дека Србија никогаш нема да стане членка на ЕУ, 21,9 проценти не знаат како да ја проценат веројатноста за приклучување, а 6,9 проценти веруваат дека Србија ќе стане членка пред 2030 година.

Анкетата покажува дека 41,6 проценти од граѓаните веруваат дека Европската Унија е повеќе заинтересирана за проширување на своите политички и економски интереси отколку за состојбата на демократијата и владеењето на правото.

Приближно исто толку – 41,8 проценти, веруваат дека ЕУ сака да ја интегрира Србија за да добие пристап до литиум и природни ресурси.

Дополнителни 43,9 проценти се убедени дека е поважно за ЕУ Србија да воведе санкции врз Русија отколку да стане развиена демократија.

Помалку од една третина од граѓаните веруваат дека ЕУ ги применува истите правила за сите земји-кандидатки, како и дека е сигурен партнер за Србија, додека малку повеќе од една четвртина веруваат дека ЕУ искрено сака да ја интегрира Србија во европската заедница.

Се додава дека 51,7 проценти од граѓаните веруваат дека најдобрата форма на владеење е демократијата, 34,2 проценти се чувствуваат како Европејци, 39 проценти оценуваат дека состојбата на владеењето на правото е лоша или многу лоша, а повеќе од половина велат дека ретко или никогаш не следат вести поврзани со ЕУ. зш/јт/

Остани поврзан