• недела, 22 декември 2024

Филков потпишал барање за екстрадиции за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ

Филков потпишал барање за екстрадиции за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ

Скопје, 31 јули 2024 (МИА) - Министерот за правда Игор Филков денеска изјави дека потпишал барање за екстрадиции за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осудени за доживотен затвор за кривичното дело „тероризам“. Како што појасни, овие две барања се доставени до косовското Министерство и се чека на одговор.

Тој напомена дека за лицата Алил Демири и Африм Исмаиловиќ првпат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15 март 2013 година, но тоа беше одбиено. 

-За Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, првпат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана за двајцата на 05.09.2018 година, додаде Филков.

Како што посочи, на 8 октомври 2021 година добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор.

-Во постапките, се што беше побарано од косовските власти беше доставено. Официјални одговори од Косово со кои се одбива екстрадицијата на Исмаиловиќ се испратени два пати, во февруари 2016 година и октомври 2021 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016. После шест години, повторно бараме нивна екстрадиција, рече Филков.

Министерот напомена дека не може да прејудицира сега што би можеле косовските власти да направат, за тоа ќе мора да се почека.

Во судскиот процес за случајот познат како „Монструм“, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Фејзи Азири доби 15 години затвор, а Хаки Азири 9 години. Ослободителна пресуда поради недостиг на докази доби единствено обвинетиот Сами Љута.

Исмаиловиќ и Демири се обвинети дека се двајца од тројцата непосредни извршители на убиствата кај Смилковско езеро. Тие се во Косово, по нив беа распишани потерници, но и покрај ветувањата од Приштина, досега не се екстрадирани во нашата држава.

На новинарско прашање дали ќе се побара екстрадиција за поранешниот премиер Никола Груевски, Филков одговори дека сите случаи за екстрадиција се следат внимателно и кога ќе се создадат услови, ќе побараат екстрадиција, но не тенденциозно кон одредено лице, туку за сите кои се надвор од државата и е распишана меѓународна потерница.

-Министерството за правда со голема внимателност ги следи сите случаи и тука не е исклучок само Никола Груевски, за кој се бара екстрадиција. Последното барање за екстрадиција е од 2019 година за сите постапки за кои што е распишана потерница. Барањето за екстрадиција за Никола Груевски е одбиено од Унгарија со образложение дека на Груевски му е даден азил и согласно нивниот закон лицето не може да се екстрадира во држава од која што е дојден. И во овој случај, како и во сите други случаи за екстрадиција, се следат внимателно и кога ќе се создадат услови, ќе побараме екстрадиција, но не тенденциозно кон одредено лице, туку за сите кои се надвор од државата и е распишана меѓунардна потерница, рече Филков.бт/ац/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан