• петок, 09 јануари 2026

Филипче: Техничката влада е единствената гаранција за фер избори, таа може да се укине само доколку сме зрело општество

Филипче: Техничката влада е единствената гаранција за фер избори, таа може да се укине само доколку сме зрело општество

Скопје, 9 јануари 2025 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со новинарите го повтори ставот дека нема да учествуваат на лидерската средба на која ќе се дискутира за укинување на техничката влада посочувајќи оти таа мора да остане бидејќи, како што истакна, „таа е последната линија на одбрана од целосно заробување и злоупотреба на најважното, а тоа е слободната волја на граѓаните за време на изборниот процес“.

Според Филипче, „техничката влада може да се укине само кога ние би биле зрело општество“, а како што оцени, „во овој момент не сме“ потенцирајќи дека „само техничка влада, која има присуство на опозицијата во владата, може да гарантира фер и демократски изборен циклус“. Според него, „техничката влада ќе гарантира некаков институционален баланс“.

- Не смее да се укине техничката влада затоа што тоа е единствена можност за чесни и фер избори. Тие не ја сакаат техничката влада затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем. Не сакаат техничка влада затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на Пандорината кутија - рече Филипче додавајќи дека тоа е само алиби за распишување предвремени избори.

Тој исто така оцени дека се гледа „окупирање на правосудниот систем“ и оти, како што рече, „воспоставена е целосна контрола врз Обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет и се носат измени на Кривичниот законик, кои ѝ одговараат само на власта“.

- Во земјоделството видовме што се случи со ИПАРД 3, директор кој е поставен од ВМРО беше уапсен за корупција и проневера на европските пари. Тоа е една причина зошто мора да има техничка влада - рече Филипче на брифингот.

Според него, исто така се носат резолуции со кои, вели тој, практично се укинува слободата на говорот на опозицијата. - Со Законот за полицијата се оди кон целосна партизација на МВР, при што секој разговор за укинување на техничката влада не е само неодговорен, туку и опасен за демократијата и за процесите во земјата - рече Филипче.

Во однос на „Безбеден град“, Филипче истакна дека го поддржува тој систем од аспект на безбедност, но, како што рече, стравува од ризиците на нерегулиран масовен надзор.

- Легализацијата на масовен надзор преку системот „Безбеден град“ со 65 илјади камери овозможува дигитален надзор на движењата на граѓаните. Технички министер за внатрешни работи од опозицијата е гарант дека овој систем нема да се злоупотреби за следење на движењата на поединци од опозицијата, активности на опозициските кандидати и активности за време на кампањата. Со ниеден закон системот не е регулиран ниту, пак, се знае како и на кој начин и со која цел тие податоци може да се користат - рече Филипче.

Во однос на реформските закони, тој истакна дека ќе дебатираат за нив во Собранието, но нема да учествуваат на лидерската средба.

- ВМРО-ДПМНЕ не прифати ниедна наша сугестија за реформските закони и не ги следи препораките од оценската мисија. Точно е дека предлагав лидерска средба, но тогаш не ни знаевме за криминалот и корупцијата, не знаевме за мигрантите, не знаевме за Алта банка и за сомнителниот капитал што влезе во земјата. Нема да има средба со луѓе што ја пљачкаат државата, а за сметка на тоа го блокираат нашиот пат кон ЕУ - истакна тој одговарајќи на новинарски прашања на брифингот. 

Повтори оти ќе ги поддржат европските закони, но, според него, вистинскиот пат напред кон Европа се уставните измени и додаде дека нетранспарентно се носат закони по брза постапка. 

- Ништо не е направено со реформските закони во 2025. Се блокираат реформските закони со цел да може во заднина да има корупција. Јас не сакам да седнам на таква маса - рече тој - посочувајќи дека ќе учествуваат на избори и доколку се укине техничката влада и дека ќе се борат со сите демократски средства против, како што наведе, оваа недемократска власт.

Според Филипче, власта намерно предизвикува конфликт со Бугарија, што, според него, е оправдување преговорите да не продолжат. 

Во одговор на новинарско прашање за односите со Бугарија и дали се согласува со делот на соопштението од бугарското МНР за „достапен јазик“, Филипче оцени дека и бугарската страна треба да работи повеќе во духот на добрососедските односи и унапредување на нашите релации.

- Ние сме покажале претходно со конкретни чекори како се штитат идентитетските карактеристики за јазикот, културата и тоа е имплементирано и во преспанскиот договор и во т.н. француски предлог. Јазикот не е загрозен и е целосно заштитен затоа што е јасно прифатен и во ОН и во ЕУ. Станува збор за договор во кој никако не се ризикуваат идентитетските одредби. Проблемот е во провокациите што доаѓаат и во неработењето ништо и што нема никаква иницијатива за отворените прашања - истакна Филипче. нд/вг/

Фото: МИА 

Остани поврзан