• недела, 22 декември 2024

„Фајзер“: Антимикробната отпорност убива 1,3 милиони луѓе ширум светот секоја година

„Фајзер“: Антимикробната отпорност убива 1,3 милиони луѓе ширум светот секоја година

Њујорк, 19 ноември 2024 (МИА) - Во светот, околу 1,3 милиони луѓе годишно умираат од антимикробна резистенција (АМР), односно отпорност на телото на антибиотици, и поради тоа, Генералното собрание на Обединетите нации донесе декларација со која се предвидува намалување на смртноста за 10 отсто до 2030 година, соопшти денеска фармацевтската компанија „Фајзер“, по повод Светската недела за подигање на свеста за антимикробната отпорност.

Таа политичка декларација на ОН беше поддржана од земјите членки, како и од членките на Европската унија, и со тоа се обврзаа на конкретни процедури за решавање на антимикробната отпорност.

Светската недела на свеста за АМР се одбележува од 18 до 24 ноември под слоганот „Биди и ти дел од промената!“, а граѓаните се поканети одговорно да ги користат антибиотиците.

-Околу 35.000 луѓе умираат во Европската економска област. Доколку овој предизвик не се реши веднаш на вистински начин, тој број би можел да достигне загрижувачки 390.000 смртни случаи годишно во европскиот регион до 2050 година, се вели во соопштението.

Наведено е дека АМР ја чини ЕУ повеќе од 11 милијарди евра годишно, а се проценува дека здравствените системи на глобално ниво ќе ги чини уште една милијарда долари годишно до 2050 година.

Во Европа, како што се наведува, секоја петта бактериска инфекција е отпорна на антибиотици, додека во некои земји-членки оваа бројка е 40 проценти.

Европската комисија, исто така, ја препозна сериозноста на антимикробната резистенција за здравјето на населението и во борбата против овој отпор ја вклучи својата најголема реформа на законодавството на ЕУ за лекови во последните 20 години.

-Комисијата е за намалување на употребата на антибиотици и им препорачува на земјите-членки утврдување соодветни национални цели - намалување на потрошувачката на антибиотици во ЕУ за 20 отсто до 2030 година, се наведува во соопштението.

Антибиотиците и антимикробните лекови, како што е објаснето, престануваат да делуваат поради прекумерна и неправилна употреба, бидејќи бактериите развиваат отпорност кон нив. Се додава дека овие лекови не треба да се користат во борбата против вирусните инфекции, бидејќи не се ефикасни, туку само против бактериски инфекции.

Констатирано е дека имунизацијата е клучен начин за спречување на инфекции, проследена со одговорно однесување, хигиена, едукација и одговорно препишување и употреба на антимикробни лекови, како и управување со антимикробната резистенција. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан