• понеделник, 15 декември 2025

Ујвари: Ги разгледуваме и двете опции за обезбедување на потребното финансирање на Украина

Ујвари: Ги разгледуваме и двете опции за обезбедување на потребното финансирање на Украина

Брисел, 15 декември 2025 (МИА) – Во пресрет на Самитот на ЕУ в четврток, во рамките на блокот продолжуваат размените на мислења и дискусиите по двете можни опции за обезбедување на финансиска поддршка на Украина што Европската комисија ги предложи на 3 декември, изјави денеска портпаролот на ЕК за економија и буџет Балаж Ујвари.

- Изнесовме две фундаментални решенија за да го обезбедиме потребното финансирање на Украина во следните две години. Едното од овие решенија би можело да се базира на заедничко задолжување на пазарот на капитал, а второто решение би се базирало на замрзнатите руски суверени средства во ЕУ, рече Ујвари.

Тој додаде и дека Комисијата предложи и шест правни акти со цел да се забрзаат процедурите за конечно усвојување на одлуката за обезбедување на неопходната финансиска поддршка на Украина за 2026 и 2027 година.

Ујвари појасни дека која и да било од двете понудени опции да биде избрана, таа би почнала да се применува од пролетта следната година.

- Тоа е агендата што ја имаме на ум и тоа е временската рамка од која поаѓа нашето размислување, додаде Ујвари.

ЕК и досега ја споменуваше опцијата за обезбедување на средства за потребите на Украина преку дополнително задолжување на Унијата преку издавање на еврообрзници, но инсистираше на усвојување на планот за т.н. заем за репарации, врз основа на кој се предвидува на Киев да му бидат исплатени 210 милијарди евра од замрзнатите руски средства во ЕУ.

Белгија, каде се наоѓаат најголем дел од овие замрзнати средства или околу 185 милијарди евра, од самиот старт се противи на ваквиот план, стравувајќи од економските последици и ризици од предлогот поврзани со потребата за евентуално враќање на тие пари на Русија.

Но, од минатата недела против планот се изјаснија и Италија, Малта и Бугарија, а се очекува на предлогот да се спротивстават и Унгарија и Словачка. Дополнително, новиот чешки премиер Андреј Бабиш за време на викендот изјави дека Прага не е подготвена да ги обезбеди финансиските гаранции што ги бара Белгија за да го поддржи заемот за репарации.

Одлуката за начинот на покривање на украинските финансиски потреби ќе биде тема и на вечерашниот состанок на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер), а за неа се разговара и на денешниот Совет за надворешни работи.

Теоретски, врз основа на минатонеделната одлука за активирање на членот 122 од Договорот за функционирање на ЕУ, што овозможува носење одлуки со квалификувано мнозинство, наместо со консензус, останатите земји членки би можеле да го усвојат планот за заемот за репарации и покрај противењето на овие седум држави. Сепак, се очекува да се направат обиди предлогот да биде усвоен со согласност на сите или барем на најголемиот можен број земји членки. сп/ми/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан