• сабота, 17 август 2024

Училиштата во Делчево подготвени за почетокот на учебната 2022/23 година

Училиштата во Делчево подготвени за почетокот на учебната 2022/23 година
Делчево, 1 септември 2022 (МИА) -  Во Делчево денеска започна учебната 2022/23 година за вкупно 1397 ученици. Од запишаните ученици, 107 се првачиња, додека 75 ученици за прв пат седнуваат во средношколските клупи во Средното општинско училиште „М.М.Брицо“.
Традиционално на првиот училишен ден кој започна во празнична атмосфера и со пригодна свеченост подготвена во двете деветолетки за првачињата, во посета на  образовните институции во Делчево беше и градоначалникот Горан Трајковски кој имаше средба со одговорните лица во училиштата.
-Училиштето е важен, тежок, но навистина, интересен предизвик кој ги отвора вратите на знаењата, напредокот и личниот развој. Најубавите години се ученичките години, а образованието е битна алка за секој поединец. Порачувам на учениците да влезат во образовниот процес со насмевка и со цел да постигнат резултати и да се изградат во личности кои утре ќе ја градат иднината на нашето Делчево! Вашите наставници се тука, да ви помогнат и да ве водат во предизвикот, а Општина Делчево и јас, како градоначалник, ќе ве поттикнуваме со награди и стипендии да постигнувате успеси во натпреварот на знаења, истакна Трајковски.
Во двете основни училишта во Делчево во учебната 2022/23 година како што додадоа од Општината се запишани 107 првачиња.
-Во ООУ „Ванчо Прке“ од вкупно 499 ученици се запишани 45 првачиња од нив во централното училиште во Делчево се запишани 44 првачиња, а во Подрачното училиште во с. Ѕвегор, едно прваче. Во ООУ „Св. Климент Охридски“ се запишани вкупно 62 првачиња од кои 55 се во централното училиште во Делчево, едно прваче во с. Разловци, три во Тработивиште, две во с. Град, едно во с. Стамер, информираа од Општина Делчево.
За сите првачиња, трета година по ред, Општина Делчево ќе додели по 3.000 денари еднократна парична помош, како поддршка на родителите за подготовка на учениците за училиште. вс/ир

Остани поврзан