• петок, 22 ноември 2024

Ученици од ОУ „Сами Фрашери“ во село Пирок учествуваа во вежба за евакуација во случај на закана од свлечиште

Ученици од ОУ „Сами Фрашери“ во село Пирок учествуваа во вежба за евакуација во случај на закана од свлечиште

Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - По повод Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи, 180 ученици од основното училиште „Сами Фрашери“ од село Пирок во општина Боговиње, денеска учествуваа во вежба за евакуација во случај на закана од свлечиште како дел од проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион“, што е финансиран од Швајцарија и имплементиран од програмата за развој на Обединетите нации и Министерството за животна средина и просторно планирање.  

Вежбата ја спроведе училиштето, кое е под закана од лизгање на земјиштето во непосредна близина, и таа вклучуваше справување со ризикот од катастрофа и евакуација на учениците и вработените, користење специјална опрема, мапи за евакуација, помагала, знаци, планови за евакуација, подготвени од проектниот тим. - Швајцарија е посветена да ги поддржи граѓаните од полошкиот регион во градењето отпорност кон поплави и други катастрофи. Ова е долг процес и ја поздравувам храброста на младите да учествуваат во таква вежба и нивната желба да бидат подготвени за идни сценарија. Преку оваа активност имаме за цел да го зголемиме капацитетот на институциите и севкупната отпорност на заедницата изложена на ризик од идни катастрофи. Општините, институциите и граѓаните во полошкиот регион мора да работат заедно за да создадат поволна средина за подобрување на пристапноста до системите за рано предупредување, со што ќе се зголеми подготвеноста на заедницата и, подеднакво важно, нивната заштита, истакна амбасадорката на Швајцарија, Вероник Хулман. Во вежбата, прва од ваков вид во општина Боговиње, покрај учениците и наставниците од училиштето „Сами Фрашери“, беа вклучени и членови на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, претставници на Црвениот крст, противпожарна бригада, припадници на полицијата, брза помош и други служби. - Оваа година Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи е посветен на подобрувањето на пристапноста до системите за рано предупредување и информирање за ризиците до сите. Избравме да ја спроведеме оваа вежба на овој ден за да работиме со најмладите. Децата треба безгрижно да уживаат во детството и училишните денови, но и да бидат подготвени доколку е потребно. Не е доволно системот за рано предупредување правилно да ја идентификува опасноста што доаѓа, туку мора да осигури дека популациите и секторите кои се изложени на ризик можат да го добијат предупредувањето, да го разберат и што е најважно, соодветно да реагираат. На овој Меѓународен ден за намалување на ризикот од катастрофи, се заложуваме на соработка за да изградиме побезбеден и поотпорен свет, истакна Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини рече дека ангажманот на младите во првите линии на активностите за намалување на ризиците е важен за развојот на капацитетите за подготвеност на децата и за зголемување на нивното знаење поврзано со ризикот од катастрофи. - Тие треба да бидат и свесни за ризиците и да ги препознаваат. Поттикнувањето на децата и младината е најдобриот начин светот да изгради издржливи заедници бидејќи тие се најранливата категорија и нашите агенти за промена во градењето издржлив свет, изјави Нуредини. Општина Боговиње е една од деветте општини во полошкиот регион која во изминатиот период во неколку наврати беше погодена од поплави, понекогаш со човечки жртви. Во овие општини, проектот работи на воведување мерки за подобрување на отпорноста кон поплави од горе надолу: преку институционални промени и стратегии, но и од долу нагоре: преку локални пристапи коишто се базирани на заедницата, т.е., со воспоставување интегриран пристап и трансформациски промени преку формирање заеднички фронт на општините за борба против поплави и други видови непогоди. Помеѓу 1970 и 2020 година, повеќе од 11.000 катастрофи се резултат на временските услови, климата и опасностите поврзани со водата, што доведоа до над два милиони смртни случаи и загуби од 3,64 трилиони американски долари. Внимателното планирање, системите за рано предупредување, заштитата и реставрацијата на мочуриштата, инвестициите во инфраструктура, подигањето на свеста и едукацијата и намалувањето на емисиите на стакленички гасови можат да го намалат ризикот од катастрофи. рп/сп/

Остани поврзан