• четврток, 21 ноември 2024

Утврден распоредот за сослушување на кандидатите за еврокомесари пред комитетите на ЕП 

Утврден распоредот за сослушување на кандидатите за еврокомесари пред комитетите на ЕП 

Брисел, 11 октомври 2024 (МИА) - Конференцијата на претседателите на Европскиот парламент, што ја сочинуваат неговата претседателка Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, го усвои распоредот за сослушувањата за кандидатите за членови на новата Европска комисија.

Постапката ќе започне на 4 ноември попладне (14:30) со сослушување на најдолговечниот член на Еврокомисијата и нејзин актуелен потпретседател за Зелениот план и меѓуинституционални односи, словачкиот дипломат Марош Шефчович, кој сега е кандидат за еврокомесар за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност. Тој ќе биде сослушуван и треба да биде одобрен од членовите на комитетите за меѓународна трговија (ИНТА) и за уставни прашања (АФЦО). На сослушувањето се поканети и членовите на комитетите за надворешни работи (АФЕТ), за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите (ИМЦО), за претставки (ПЕТИ), за развој (ДЕВЕ) и за правни прашања (ЈУРИ), но тие ќе немаат право да одлучуваат за одобрувањето на Шефчович. 

Истиот ден во истото термин (4 ноември, 14:30), од членовите на Комитетот за култура и образование (КУЛТ) ќе биде сослушан и Малтежанецот Глен Микалеф, кој е кандидат за еврокомесар за меѓугенерациска правичност, култура, млади и спорт. На неговото сослушување, без право за одлучување за одобрувањето ќе присуствуваат и членовите на комитетите за вработување и социјални работи (ЕМПЛ), за граѓански слободи, правда и внатрешни работи (ЛИБЕ) и на ЈУРИ. 

Доцна попладнето на 4 ноември (18:30) ќе бидат сослушани и кандидати за еврокомесари за земјоделство и храна, Луксембуржанецот Кристоф Хансен и за одржлив транспорт и туризам, Гркот Апостолос Ѕиѕикостас. Хансен ќе го сослушуваат и одобруваат членовите на Комитетот за земјоделство и рурален развој (АГРИ) во присуство на нивните колеги од комитетите за животна средина, јавно здравство и безбедност на храната (ЕНВИ) и за рибарство (ПЕЦХ). Членови на ЕНВИ ќе присуствуваат и на сослушувањето на Ѕиѕикостас во Комитетот за транспорт и туризам (ТРАН). 

На 5 ноември во 9:00 треба да започне сослушувањето на кандидатката за еврокомесарка за истражување и иновации, Бугарката Екатерина Захариева пред членовите на Комитетот за индустрија, истражување и енергија (ИТРЕ), во присуство на нивни колеги од КУЛТ. 

За во истото време, е закажано и сослушувањето на Ирецот Мајкл Мекграт, кој е кандидат за комесар за демократија, правда и владеење на правото, пред комитетите ЛИБЕ, ИМЦО и ЈУРИ, а на кое ќе присуствуваат и челнови на АФЦО, КУЛТ и на комитетите за буџет (БУДГ), за буџетска контрола (ЦОНТ) и за правата на жените и родова еднаквост (ФЕММ). 

За попладнето во 14:30 се предвидени сослушувањата на кандидатите за еврокомесари за Медитеранот, Хрватката Дубравка Шуица и за енергија и домување, Данецот Ден Јоргенсен. 

Шуица ќе ја сослушуваат членовите на АФЕТ заедно со претставници на ЕМПЛ, ЛИБЕ и на Поткомитетот за човекови права (ДРОИ), додека Јоргесен ќе одговара пред членовите на ИТРЕ и ЕМПЛ, во присуство на нивни колеги од ЕНВИ, ИМЦО и на комитетите за регионален развој (РЕГИ) и за економски и монетарни прашања (ЕЦОН). 

За доцниот попладневен термин во 18:30 се планирани сослушувањата на кандидатката за еврокомесарка за животна средина, отпорност на водите и конкурентна циркуларна економија, Јесика Розвол од Шведска пред членовите на ЕНВИ заедно со колегите од ИМЦО, ИТРЕ и АГРИ, како и на кандидатот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер од Австрија, пред ЛИБЕ во присуство на членови од ДЕВЕ. 

На 6 ноември во 9:00 ќе почнат сослушувањата на Португалката Марија Луис Албукерке, кандидатка за еврокомесарка за финансиски услуги, штедење и инвестициите, пред членовите на ЕЦОН потпомогнати од колеги од ИМЦО и ЛИБЕ, како и на Белгијката, Хаџа Лабиб, која е номинирана да раководи се ресорот за подготвеност и управување со кризи, пред ДЕВЕ, ФЕММ, ЛИБЕ и ЕНВИ, на кое ќе присуствуваат и претставници на ЕМПЛ и на Поткомитетот за јавно здравство (САНТ). 

Истиот ден во 14:30 часот пред членовите на ПЕЦХ во присуство на невини колеги од ЕНВИ на пратеничките прашања ќе одговара кандидатот за еврокомесар за рибарство и океани Кипранецот, Костас Кадис, а пред ДЕВИ заедно со претставници на АФЕТ, ФЕММ, ИНТА и ЛИБЕ ќе биде сослушан, кандидатот за еврокомесар за меѓународни партнерства Чехот, Јозеф Сикела.  

За вечерниот термин во 18:30 на 6 ноември се закажани сослушувањата на Литванецот Андриус Кубилиус, кандидат за еврокомесар за одбрана и Вселената и на Унгарецот Оливер Вархеји, кој е номиниран за прв човек на ресорот здравство и благосостојба на животните. Кубилиус ќе биде сослушуван од членови на АФЕТ и ИТРЕ во присуство на претставници на ТРАН и на Поткомитетот за безбедност и одбрана (СЕДЕ), а Вархеји пред ЕНВИ и АГРИ заедно со европратеници од ИТРЕ и САНТ. 

Кандидатката за еврокомесарка за проширување Словенката Марта Кос ќе биде на сослушување пред членовите на АФЕТ во присуство на претставници на ЛИБЕ, АФЦО и ДРОИ на 7 ноември во 9:00 часот. Во истиот термин на заедничко заседание на ЕНВИ, ИТРЕ и ЕКОН, на кое ќе учествуваат и европратеници од ЕМПЛ, ТРАН и од Поткомитетот за даночни прашања (ФИСЦ), ќе биде сослушан и кандидатот за еврокомесар за клима, нето нула емисии и чист раст, Холанѓанецот Вопке Хукстра. 

За 7 ноември од 14:30 часот се предвидени сослушувањата на Полјакот Пјотр Серафин, кандидат за еврокомесар за буџет, борба против измамите и јавна администрација, пред БУДГ и ЦОНТ на кое ќе присуствуваат и европратеници од ЛИБЕ и ЈУРИ, како и на Летонецот Валдис Домбровскис, кандидат за еврокомесар за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување, пред ЕКОН и ЈУРИ, заедно со членови на БУДГ, АФЦО, ЕМПЛ, ИМЦО и ФИСЦ. 

За последниот ден од сослушувањата, 12 ноември, се оставени кандидатите за потпретседатели на Европската комисија. Тој ден во 9:00 часот пред АФЕТ ќе биде сослушана кандидатката за потпретседателка на ЕК и за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Естонката Каја Калас. На нејзиното сослушување без право да решаваат за одобрувањето се поканети и членови на ДЕВЕ, ИНТА, ФЕММ, СЕДЕ и ДРОИ. 

Истиот термин, е предвиден и за сослушување на кандидатот за извршен потпретседател на ЕК за кохезија и реформи и за еврокомесар за кохезивна политика, регионален развој и градовите, Италијанецот Рафаеле Фито пред РЕГИ во присуство на членови на ТРАН, БУДГ , АГРИ, ЕМПЛ и ЕКОН. 

Од 14:30 часот, пак, се предвидени сослушувањата на кандидатите за извршни потпретседатели на ЕК, Романката Роксана Манзату, која треба да биде задолжена за луѓето, вештини и стручно оспособување, а воедно и еврокомесарка за вештини, образование, култура, квалитетни работни места и социјални права и Французинот Стефан Сежурне во чија надлежност би биле просперитетот и индустриска стратегија и воедно би раководел со ресорот индустрија, мали и средни претпријатија и единствен пазар. Манзату ќе биде сослушана од европратениците од ЕМПЛ и КУЛТ во присуство на членови на ФЕМН и ЛИБЕ, а сослушувањето на Сежурне е закажано за заедничкото заседание на ИТРЕ, ИМЦО, ЕНВИ и ЕКОН, на кое се поканети и членови на ИНТА, ЕМПЛ, БУДГ и ЈУРИ. 

Последниот термин за сослушувања – 12 ноември во 18:30 часот – е резервиран за Шпанката Тереза Рибера Родригез и Финката Хена Виркунен. Рибера Родригез, која е предложена за извршна претседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција и за еврокомесарка за конкурентност, ќе биде сослушана од членови на ЕНВИ, ЕКОН и ИТРЕ заедно со европратеници од ИМЦО, ЕМПЛ, ТРАН, РЕГИ и АГРИ. Дел од членовите на ИТРЕ заедно со дел од нивните колеги од ИМЦО во истиот термин ќе ја сослушуваат Виркунен, која е номинирана за извршна потпретседателка на ЕК за технологија, суверенитет, безбедност и демократија и за еврокомесарка за дигитални технологии. На нејзиното сослушување, без право на одлучување, ќе присуствуваат и членови на ЛИБЕ, ЈУРИ, АФЕТ, СЕДЕ и КУЛТ. 

По сослушувањата, ресорните комитетите ќе треба да гласаат за одобрување на номинираните кандидати за еврокомесари. Доколку, некој од предложените кандидати не биде одобрен, претседателката на ЕК, Урсула дон дер Лајен е должна на предложи друг кандидати од неговата земја, од причина што во Комисијата секоја од земјите на ЕУ е застапена со по еден член. Откако ќе заврши постапката за одобрување на сите кандидати за еврокомесари од страна на комитетите, Европарламентот на пленарното заседание, предвидено за од 25 до 28 ноември, ќе треба да гласа за избор на Европската комисија. Се очекува целата постапка да заврши до крајот на ноември, по што од 1 декември би започнал да тече мандатот на новите еврокомесари. 

Но, во пресрет на сослушувањата се подгреваат тензиите во Европарламентот, што кулминираше со вчерашното напуштање на заседанието на Комитетот за правни прашања од страна на европратениците од групите на Зелените и Левицата, во знак на протест поради начинот на кој се одвива процесот на проверка на евентуалниот судир на интереси на кандидатите за еврокомесари преку анализа на нивните декларации за имотната состојба и за професионалните ангажмани. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан