• сабота, 23 ноември 2024

Усогласени измени на Статутот на Судот на правдата на ЕУ

Усогласени измени на Статутот на Судот на правдата на ЕУ

Брисел, 8 декември 2023 (МИА) - Советот на ЕУ и Европскиот парламент доцна синоќа постигнаа договор за предложените реформи на Статутот на Судот на правдата на Унијата, чија цел е да се подобри начинот на негово функционирање во услови кога тој се соочува со постојан пораст на бројот на тужби, од кои некои се однесуваат и на сложени и чувствителни прашања, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Според Европскиот совет, овие нови измени на Статутот ќе му овозможат на Судот на правдата поголема ефикасност во работењето преку искористување на претходната судска реформа со која беше зголемен бројот на судии во Општиот суд. 

Општиот суд е составен дел од Судот на правдата на ЕУ, пред кои се водат најголемиот дел од споровите во првостепена инстанца иницирани против институциите на Унијата од страна на поединци или земјите членки. Пресудите на Општиот суд се обжалуваат пред Судот на правдата. 

Со новите измени се овозможува префрлање на јурисдикцијата за првостепени пресуди во дополнителен број области на Општиот суд, додека во надлежност на Судот на правдата остануваат прашања поврзани со начелата на Унијата, како што се договорите за функционирање на ЕУ или Повелбата за основните права. 

Области кои со реформата доаѓаат под јурисдикција на Општиот суд се заедничкиот систем на ДДВ, прашања поврзани со акцизите и царинските правила и тарифници, компензации и помош на патниците во случај на доцнење, откажување или одбивање на транспортни услуги, како и тргувањето со дозволени емисии на стакленички гасови. 

Исто така, се воведува и „едношалтерски систем“ во покренувањето на тужби, со тоа што сите иницијативи ќе се доставуваат до Судот на правдата, кој потоа  ќе ги проследува до Општиот суд прашањата од неговите јурисдикција. 

Дополнително се проширува и Механизмот за филтрирање на жалби воведен во 2019 година, со тоа што за случаи кои се веќе разгледани и од Независниот одбор за жалби и од Општиот суд, ќе биде можна жалбена постапка пред Судот на правдата само доколку тие прашања се поврзани со правото на ЕУ и се значајни во однос на неговото единство, конзистентност или развој. 

Реформата предвидува и зголемена транспарентноста на постапките, на тој начин што по изрекување на пресудата ќе бидат објавувани и писмените поднесоци на странките, освен ако на тоа се спротивстави засегнатата страна. Се проценува дека на овој начин ќе се зголеми одговорноста и ќе се зајакне довербата во ЕУ и во европското право. 

Усогласениот текст на реформите на Статутот на Судот сега треба да биде и формално усвоен од страна на Советот на ЕУ и Европскиот парламент. 

Инаку, иницијативата за измена на Статутот ја покрена самиот Суд на правдата во декември минатата година. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан