• петок, 22 ноември 2024

Усвоен првиот европски климатски закон

Усвоен првиот европски климатски закон
Брисел, 4 март 2020 (МИА) – Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен најави дека денеска колеџот на еврокомесари го усвои првиот европски климатски закон, кој ќе ја обврзе цела ЕУ и сите чинители да постигнат климатска неутралност до 2050 година, јави дописничката на МИА. - Климатска неутралност е нашата судбина, изјави Фон дер Лајен по кусата најава за законот. Со овој закон, Европската Унија се обврзува до 2050 да ги сведе нето емисиите на штетни гасови на нула, преку низа мерки. - Текстот на законот е кус и едноставен, ја обврзува ЕУ да ги воведе климатските цели во сите закони и политики, ова е обврска, и нуди транспарентност за инвеститорите, индустриите, властите, им дава сигурност за тоа што треба да се постигне, изјави фон дер Лајен. ЕУ има триесет години да ги сведе емисиите на нула за да избегне неповратно затоплување на климата и неповратна штета за животната средина, согласно препораките на научниците. Европа има амбиција да стане првиот климатски неутрален континент. Со овој закон ЕУ сака да ги поттикне индустриите и приватниот сектор да инвестираат во иновативни технологии кои ќе ги намалат штетните емисии и со тоа да изградат „нов модел на зелен раст“. Соседните и партнерските земји на Европската Унија ќе мораат исто така да се прилагодат на ова, изјави претседателката, со воведување на корективен механизам. Законот предвидува од 2030 да се процени дали ЕУ е на добар пат да ги постигне своите цели, во спротивно ќе треба да се воведат промени и поправки во политиките и законите. На денешниот состанок на европските комесари при усвојувањето на законот учествуваше и активистката за климатски промени, Грета Тунберг. тм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан