Унгарски новинари се жалат на цензура
- Државните органи одговараат само на избрани прашања од избрани новинари, а лекарите се плашат да зборуваат поради страв од казна, изјавија опозициски новинари од Унгарија во истражување спров
Будимпешта, 29 април 2020 (МИА) - Државните органи одговараат само на избрани прашања од избрани новинари, а лекарите се плашат да зборуваат поради страв од казна, изјавија опозициски новинари од Унгарија во истражување спроведено во земјата. Приврзаниците на унгарската владејачка партија ги сметаат ваквите тврдења како „исполитизирани“, објави Би Би Си.
Невладината организација Унгарска унија за граѓански слободи (ТАСЗ), откако овој месец спроведе анкета меѓу новинари од 19 опозициски медиуми, заклучи дека сите се соочуваат со ист проблем: властите, користејќи ја пандемијата на Ковид-19 и вонредната состојба, дополнително им го ограничиле пристапот до информации и се обидуваат да ја дискредитираат независноста на медиумите.
Активисти за заштита на човековите права и новинари уште пред пандемијата постојано зборуваа за абнормалноста на ситуацијата во Унгарија: повеќето медиуми во земјата во последните години се под контрола на владејачката партија ФИДЕС, предводена од премиерот Виктор Орбан, и бизнисмени блиски до неа.
Соговорниците на ТАСЗ за време на истражувањето изјавиле дека на болниците и на владините агенции им е забрането да контактираат директно со медиумите, а сите информации се пренесуваат преку владината фокус група, која одржува секојдневни прес-конференции.
Кон крајот на минатиот месец унгарскиот Парламент усвои пакет итни закони во врска со пандемијата, со кои се предвидува, меѓу другото, и затворска казна за објавување информации за коронавирусот и мерките против заразата, кои властите сметаат дека се невистинити. гт/