• вторник, 09 декември 2025

Украинска делегација во САД: Приоритет е добивање детали за разговорите во Москва

Украинска делегација во САД: Приоритет е добивање детали за разговорите во Москва

Киев, 8 декември 2025 (МИА) - Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, денеска изјави дека задачата на украинската делегација во Соединетите Американски Држави е од американската страна да добие целосни информации во врска со нивниот разговор во Москва и сите нацрти на актуелните предлози за мировен договор за Украина.

Умеров на Телеграм објави дека украинската делегација разговарала со американската страна неколку дена и дека е благодарен на Вашингтон за „конструктивниот ангажман за постигнување мир во Украина“, пренесе Укринформ.

Тој истакна дека сега, Украина заедно со сите партнери мора да направи сѐ за војната да биде, како што наведе, „доведена до достоинствен крај“.

Умеров рече дека денеска ќе му ги обезбеди целосните информации на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за сите аспекти од дијалогот со американската страна и сите документи.

Зеленски денеска во Лондон се сретна со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, по што вечерва отпатува во Брисел на средби со врвот на ЕУ, а утре заминува за Рим, на разговори со премиерката Џорџа Мелони. ссм/

фото: архива

Остани поврзан