• четврток, 21 ноември 2024

Уапсен таткото на ученикот осомничен за масовното пукање во училиште во Џорџија

Уапсен таткото на ученикот осомничен за масовното пукање во училиште во Џорџија

Атланта, 6 септември 2024 (МИА) - Властите во сојузната држава Џорџија денеска го уапсија таткото на осомничениот за пукањето во средното училиште „Апалачи“, 14-годишниот Колт Греј, кој уби четворица и рани уште девет лица, и поднесоа обвинение против него.

„Во координација со окружниот обвинител Бред Смит, Канцеларијата за истраги на сојузната држава Џорџија го уапси 54-годишниот Колин Греј во врска со пукањето во средното училиште ‘Апалачи’. Колин е татко на Колт Греј“, соопшти Канцеларијата на социјалната мрежа „Икс“.

Таткото и синот минатата година беа испрашувани од локалните истражни служби во соседниот округ Џексон во врска со закани на интернет за масовно пукање во училиште, но тогаш беше оценето дека нема основа за нивно приведување, соопшти ФБИ во средата.

За време на тогашната истрага, таткото изјавил дека поседува ловечки оружја дома, но дека неговиот син нема неограничен пристап до нив, додека Колт Греј негирал дека упатувал закани на интернет, додаде ФБИ.

По денешното апсење на таткото на Колт Греј, Колин, му беа поднесени обвиненија за убиство од небрежност, убиство од втор степен и сурово однесување кон деца. Сите три обвиненија произлегуваат од тоа што таткото не го ограничил пристапот на синот до неговите оружја. Ученикот, кој го изврши масакрот, е обвинет за четири намерни убиства. ссм/

фото: архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан