• недела, 22 декември 2024

Уапсен американски хомеопат кој продавал апчиња кои „доживотно“ штитат од Ковид-19

Уапсен американски хомеопат кој продавал апчиња кои „доживотно“ штитат од Ковид-19
Сакраменто, 15 јули 2021 (МИА) - Хомеопатот од Калифорнија, Џули А. Мази е обвинета за продажба на лажни сертификати за вакцинација и неефикасни апчиња против Ковид-19. Таа е уапсена и обвинета по две точки за медицинска измама. На Мази и се заканува до 20 години затворска казна и стотици илјади долари парична казна. Мази продавала апчиња за имунизација по цена од 243 долари. Таа тврдела дека тие содржат „многу мало количество“ коронавирус, што предизвикува имунолошки одговор и обезбедува „доживотен имунитет на Ковид-19“. За да ги убеди клиентите да ги купат нејзините апчиња, Мази им кажувала дека вакцините одобрени во САД содржат „токсични состојки“. Таа, исто така, нудела хомеопатски лекови за детски болести и лажно тврдела дека тие ќе ги задоволат потребните услови за имунизација кои се бараат во калифорниските училишта, пишува Њујорк Тајмс. Хомеопатот на својата веб-страница за себе си вели дека докторирала на Националниот универзитет за природна медицина во Портланд и е едуцирана за „традиционални медицински науки“ и „древни и модерни модалитети“ кои користат природни лекови. Таа наведува дека нуди и услуги на класична хомеопатија, создадена во Германија пред повеќе од 200 години. Според хомеопатската наука, болеста може да се лекува со супстанца која произведува слични симптоми како и заболувањето и се дава во минимални дози. Австралискиот Национален совет за здравствени и медицински истражувања во 2015 година наведе дека нема многу докази оти хомеопатијата е ефикасна во лекување на болести и дека голем број поими во хомеопатијата не се согласно основните научни концепти. Властите започнаа истрага против Џули Мази откако некој поднел жалба во април, велејќи дека нејзините роднини купиле таблети за имунизација против Ковид-19 и поради тоа не се вакцинирале против коронавирусот. Покрај таблетите, Мази им дала и сертификати за вакцинација против Ковид-19, во кои било наведено дека ја примиле вакцината Модерна. Таа им кажала како датумот за вакцинација да го запишат денот кога почнале да ги пијат апчињата. Сè уште не е познато колку точно луѓе ги купиле апчињата за имунизација, но властите дознале дека Мази од јануари 2020 до мај 2021 година, преку компанијата за дигитално плаќање Сквер, добила повеќе од 200.000 долари. гт/

Остани поврзан