• понеделник, 25 ноември 2024

Турција и Египет, по 10 години тензии, именуваа амбасадори

Турција и Египет, по 10 години тензии, именуваа амбасадори

Анкара, 4 јули 2023 (МИА) - Египет и Турција денеска ги подигнаа дипломатските односи на ниво на амбасади за првпат од 2013 година.

Во заедничкото соопштение, двете земји го објавија назначувањето на Салих Мутлу Сена за нов амбасадор на Турција во Каиро и Амр Ел Хамами за амбасадор на Египет во Анкара.

„Овој чекор е насочен кон повторно воспоставување нормални односи меѓу двете земји и ја покажува нивната взаемна решеност да работат на подобрување на билатералните односи во најдобар интерес и на турскиот и на египетскиот народ“, се наведува во соопштението.

Египет и Турција ги повлекоа своите амбасадори откако ескалираа тензиите кога египетската војска го собори претседателот Мохамед Морси во 2013 година по масовните протести.

Дипломатските односи меѓу Турција и Египет оттогаш се на ниво на вршител на работи.

Морси беше член на исламистичката организација Муслиманско братство, која беше поддржана од Турција.

Египет ја прогласи групата за терористичка организација.

Поради економската криза Турција се обидува да ги подобри односите со соседите во регионот.

Исто така, неодамна ги поправи своите врски со Израел, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. паг/

Фото: МИА архива


  

 

Остани поврзан