• петок, 22 ноември 2024

Тупанчески: Поглавјето 23 е клучно за ЕУ-процесот, од нас се бараат брзи и ефикасни резултати

Тупанчески: Поглавјето 23 е клучно за ЕУ-процесот, од нас се бараат брзи и ефикасни резултати

Скопје, 12 октомври 2022 (МИА) - Меѓу Северна Македонија и Албанија нема отворени прашања. Имаме заедничка цел, а тоа е ЕУ. Поглавјето 23: Правосудство и темелни права е клучно за реформите. Токму поради тоа неопходно е двете држави во наредниот период да ја интензивираат соработката и да разменат искуства, идеи и мислења. Убеден сум дека двете влади имаат волја заеднички да ги решаваат проблемите. Зајакнувањето на правните системи, како и зголемувањето на ефикасноста на правосудниот систем ќе придонесе да се достигнат меѓународните стандарди на двете земји. Ова го соопшти министерот за правда Никола Тупанчески, кој заедно со заменик-министерот за правда Агим Нухиу се во дводневна посета на Тирана.

Како што информира Министерството за правда, Тупанчески и Нухиу остварија средба со министерот за правда на Република Албанија, Улси Мања.

На заедничката прес-конференција Тупанчески и Мања информираа за реформите во правосудниот систем на двете држави, процесот на пристапни преговори за членство во ЕУ.

Министерот за правда на Албанија Мања информираше за процесот на ветинг, кој, според него, бил исклучително сложен, но сепак дал позитивни резултати. Дури 60 отсто од судиите и обвинителите ја напуштиле функцијата, како што се наведува, поради неможноста да го докажат потеклото на имотот.

Тупанчески го информираше Мања и за процесот на регистрација на бугарски здруженија во нашата држава и мерките што ги презема Министерството за правда за подготовката на Законот за здруженија и фондациии.

На средбата, како што се наведува, беше отворено и прашањето  за правата на малцинствата во Албанија  со посебен акцент на  примената на Законот за малцинства на Република Албанија.

- Двајцата министри се договорија соработката на билатерално ниво да се интензивира во наредниот период, стои во соопштението од Министерството за правда. мд/дма/

Остани поврзан