• петок, 22 ноември 2024

Триото на Грујовски и квартетот на Бочваров со специјалниот гостин Ристо Вртев вечерва на џез фестивалот во Прилеп

Триото на Грујовски и квартетот на Бочваров со специјалниот гостин Ристо Вртев вечерва на џез фестивалот во Прилеп

Прилеп, 30 август 2024 (МИА) - На џез фестивалот во Прилеп, кој беше отворен синоќа, вечерва ќе настапат триото на Ѓоле Грујовски, како и квартетот на Никола Бочваров, со специјален гостин Ристо Вртев.

Со настапот на квартетот на тромбонистот Филип Стевановски, синоќа на летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше отворено 13-тото издание на џез фестивалот насловен „Прилеп џез викенд“. Дождот го одложи, но не го наруши интересот на публиката за да присуствува на изведбите на џез-музичарите.

- Во сите овие години Фестивалот создаде реноме и пред публиката ги претставува врвните имиња и групи од македонската, балканската и од дел од европската џез сцена. Воспоставена е џез културата, а традициите за овој правец на музиката на овие простори ги има од поодамна, рече Снежана Ристеска, советник за култура при локалната самоуправа од Прилеп.

Организатор е здружението за субкултура „ПП Џез фестивал“, а на првата вечер настапија и фракцијата од четворица млади музички аскети „COBALT CODE UNIT“ која неуморно талка низ обемните широчини на јужно балканските традиции на импровизирана и ритуална музика контемплирајќи ги хоризонтите на современиот џез.

Последниот ден од фестивалот ќе се претстават гостите од Србија, Словенија и Украина.

Фестивалот понуди и оф програма со концерти на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука (на 25 август, како и во клубовите Калинка (на 24 август) и Таверна (на 26 август) во старата прилепска чаршија.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, општина Прилеп и од неколку општествено одговорни компании. ем/ир/

 

Фото: МИА

 

Остани поврзан