• сабота, 23 ноември 2024

Триесет години од воведувањето на денарот

Триесет години од воведувањето на денарот
Скопје, 17 март 2022 (МИА)Годинава се одбележуваат 30 години од монетарното осамостојување. Пред 30 години, на 26 април, беа поставени основите на монетарната самостојност - беше воведен денарот како парична единица, којашто го замени тогашниот југословенски динар, а Народната банка почна да функционира како самостојна централна банка.

- Оттогаш, низ годините, вработените на Народната банка со многу посветеност, пожртвуваност и визија работеa на градењето на она што го имаме денес ‒ стабилна домашна валута и современа, кредибилна и меѓународно призната, независна централна банка. На овој пат, институцијата се соочуваше со голем број предизвици, како во однос на спроведувањето значајни пазарно ориентирани реформи во банкарскиот систем, така и во однос на справувањето со шокови од различна природа. Во сите тие ситуации беа остварени основните цели на работењето на Народната банка, велат од централната банка.

Оттаму, додаваат дека изминатите 30 години успешна работа се гаранција дека и во следниот период централната банка ќе има капацитет за справување со предизвиците што ги носи актуелната ситуација.

- И натаму ја чуваме стабилноста на денарот, како од економски, така и од неекономски закани – шпекулациите и лажните вести, коишто се подеднакво опасни. Додека ја чуваме стабилноста на денарот и финансиската стабилност, истовремено се ориентираме и кон иднината, по примерот на најголемите централни банки. Нашите идни активности се насочени и кон овозможување подобри и поевтини банкарски услуги преку финтек-секторот, имајќи ја предвид и кибербезбедноста. Понатаму, нашата заложба ги опфаќа и зелените финансии, бидејќи сите носители на политиките треба да бидат свесни дека климатските промени ќе бидат една од најголемите закани на 21 век, наведуваат од Народната банка.

Јубилејот ќе биде одбележан со повеќе настани. Меѓу другото ќе се одржи свечена академија и истражувачка конференција што се организира во партнерство со Европската инвестициска банка (ЕИБ), а на која е најавено учество на гувернери и вицегувернери на централни банки од регионот и од Европа, како и претставници на меѓународни финансиски организации, научната јавност и банкарскиот сектор. бак/ац/

Остани поврзан