• понеделник, 23 декември 2024

Третманот на отпадни води предизвик за тетовскиот регион за подобра животна средина

Третманот на отпадни води предизвик за тетовскиот регион за подобра животна средина
Тетово, август 2021 (МИА) - Кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа е единственото место во тетовскиот регион каде отпадните води од фекалната и атмосферска канализација се третираат со цел да бидат исчистетни и да бидат испуштени во природната околина. При изградбата на кампусот во 2001 година е направена и пречистителната станица со оглед на тоа дека тогаш во тој дел од градот немало канализација. - Капацитетот на станицата е да се собере и преработи фекални води за 20 илјади луѓе, што е голем потенцијал со оглед дека во кампусот гравитираат околу 10 илјади луѓе, студенти, професори и други вработени.  Пречистителната станица е поставена на локација што е меѓу најниските надморски височини во градот, па лесно може да се приклучат дел од околните населби како Мала и Голема Речица, дел од Тетово или Брвеница/Седларце, вели Фикрет Шабани, директор на службата за одржување при Универзитетот на Југоисточна Европа. Директорот Шабани и вработениот во техничка служба Васил Пандов објаснуваат дека оваа станица веќе 20 години непрекинато работи по 24 часа на ден преработувајќи го фекалниот материјал кој доаѓа од кампусот. Во првата фаза има селекција и механичко чистење на отпадоците од фекалната маса за да не се расипе механизмот за обработја на фекалниот материјал. - Преку канализациони цевки материјалот стигнува до таканаречен прв базен каде има две пумпи со големи лопати и се пренасочува во друг објект за пречистување на фекалијата.  Во другиот објект има направа како сито преку кое покрупни работи како што се влажни марамици, тампони, чепкалки за уши ги отстранува и не ги пушта во големиот базен, па ги носи во контејнер. Останата фекалија оди во голем базен, обаснува Васил Пандов. Следува фаза на мешање на фекалната маса на која се додава воздух со цел да се создаде седимент. -Трае одредно време, после тоа миксерот престанува да работи и почнува фаза на таложење на седиментот. Кога во одредено време се ќе спадне, водата е проѕирна и чиста, па преку вентил излегува надвор од базенот. Преку цевки и се пушта за наводнување на дел од зелената површина во кампусот. Кога ќе се излезе чистата вода, на дното останува седимент од фекалната маса која се носи со механизам во друг објект за преработка. Тој седимент создаден од фекалната маса се меша со мешавина од вода и вар по што следува пресување и се создава природно хранливо ѓубриво, објаснува Пандов. Предноста од системот за отпадни води е во тоа што дури и може да се заработува од создавање на ова хранливо ѓубриво, објаснуваат соговорниците. Од друга страна градот и селата во поширокиот тетовски регион се во очекување на изградбата на пречистителна станица за третман на отпадни води кај селото Фалише. Во јули 2019 година започна да се расчистува старата тетовска депонија кај Фалише како локација каде е предвидено да гради објектот. Од Општина Тетово информираат од таму биле однесени над 90.000 метри кубни отпад, со што локалната самоуправа заедно со поднесување соодветна документација го има завршено својот дел од проектот. - Првата фаза од проектот за изградба на пречистителната станица е завршена поточно направено е целосно расчистување на теренот и целокупната документација од страна на Општина Тетово која е побарана е завршена и доставена, информираат од Општина Тетово. Министерството за животна средина и просторно планирање се води како корисник на Проектот за изградба на пречистителната станица за третман на отпадни води во Тетово, процес преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската унија (ЕУ), информираат од Секторот за централно финансирање и склучување на договори при Министерството за финансии, надлежен за стабилно финансиско управување проекти кои се финансираат од страна на ИПА компоненти. - Во однос на пречистителната станица за отпадни води за Тетово, информираме дека е во тек прегледување на тендерската документација по што, во најскоро време истата ќе се достави до Делегацијата на ЕУ на одобрување. По одобрувањето ќе се пристапи кон објавување на тендер.  Планирано е склучување на Договор за градба до крајот на 2021 година. Градбата трае 24 месеци и дополнителни 12 месеци период на пријавување на дефекти. Изградбата ќе се финансира од ИПА средства, информираат од канцеларијата за комуникација со јавноста при Министерството за животна средина и просторно планирање. Пречистителната станица ќе се гради на место со површина од 67 илјади метри квадратни. Обезбедени се 30 милиони евра од ИПА фондовите за нов објект -пречистителна станица колектори и нови канализациони мрежи. Александар Самарџиев    

Остани поврзан