• понеделник, 23 декември 2024

Тренчевска: Водиме интензивен социјален дијалог за нов Општ колективен договор за јавниот сектор

Тренчевска: Водиме интензивен социјален дијалог за нов Општ колективен договор за јавниот сектор

Скопје, 1 мај 2023 (МИА) – За Владата и Министерството за труд и социјална  политика, заштитата и унапредувањето на работничките права остануваат високо на агендата на приоритети. Ветувањата за континуиран раст на минималната плата се исполнети. Во време на најголемата економска криза, ја зголемивме минималната плата на 20.175 денари, што придонесе за раст и на останатите плати за 2.175 денари, наведува во честитката по повод 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот министерството за труд и социјална  политика Јованка Тренчевска.

- Споредбено,  во 2016 година минималната плата беше 10.080 денари, денес во 2023 година имаме двојно повисока минимална плата од 20.175 денари. Минималната плата бележеше континуиран раст изминативе години, и тоа во 2017/2018 година се зголеми на 12,000 ден, во 2019 година на 12,507 ден, во 2020 на 14,500 денари, во 2021 на 15,194 ден, во 2022 година 18,000 денари и 2023 година 20.175 денари, вели Тренчевска.

Таа потенцира дека последното зголемувањето изнесува околу 13 отсто и се должи на измените на законот за минимална плата, донесени во март 2022 година, и воспоставувањето на  нова методологија, која е системско решение и кое значи постојан раст на минималната плата.

- Секоја година во месец март минималната плата  ќе се усогласува согласно податоците од Државниот завод за статистика, и тоа 50 отсто од порастот на  трошоците за живот и 50 отсто од порастот на просечната плата од измината година. Растот на минималната плата, носи раст и на останатите плати, додава Тренчевска.

Според министерката, во сектор детска заштита, платите на вработениот стручен кадар бележат континуиран раст, па така, со последното покачување во декември  за 15 отсто и март од 2.175 денари, за последниве 4 години платите на вработените во детска заштита пораснаа за околу 45 проценти.

Таа нагласува дека Владата сите решенија ги носи низ социјален дијалог со социјалните партнери и сите предлог законските решенија се достапни на јавноста и преку јавни дискусии се земаат предвид мислењата, сугестиите и ставовите на сите релевантни фактори  во општеството.

- Во моментов интензивен социјален дијалог се води за нов Општ колективен договор за јавниот сектор, во финална фаза е новиот Закон за работни односи, а се работи на нов Закон за безбедност и здравје при работа и нов Закон за младински додаток. Носиме системски решенија од кои придобивка имаат граѓаните, додава Тренчевска.

Таа потенцира дека Владата во континуитет работи на намалување на невработеноста која е сведена на 14.4 отсто, според последните податоци на Државниот завод за статистика.

- Преку Оперативниот план за активни програми и мерки за 2023 година, обезбедуваме опфат  на над 18.000 невработени лица или за 20%  повеќе од минатогодишниот Оперативен план за вработување. Посебен акцент се стави на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработени и корисниците на Гарантирана минимална помош .Го зголемивме опфатот за најбараната мерка - самовработување за 2000 лица. Преку обуки, доквалификација, преквалификација, практиканство ја зголемуваме конкурентноста на невработените лица на пазарот на труд. А не застанавме ниту со проектот Гаранција за млади како земја лидер во регионот, која прва го имплементираше, а не е членка на ЕУ. Како ресорно Министерство  чија надлежност е областа на трудот продолжуваме да вложуваме во обезбедување на поголема заштита и унапредување на правата на работниците,  безбедни работни места и достојни услови за работа. Нека е честит 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот, додава Тренчевска во првомајската честитка. сп/

Остани поврзан