Треновски: За борба против корупцијата важна е статистиката и достапните податоци
- Според него, достапноста на податоците е клучна во борба против корупција. Истакна дека недостигаат статистички податоци врз основа на кои може да се донесе определена одлука или да се преземе определена мерка, посебно во борбата против корупција.
Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - За секое носење на регулатива или каква било преземана мерка важна е статистиката и достапните податоци, пред се во борбата со корупцијата. Борбата со корупцијата е хоризонтален феномен кој засега повеќе сектори и за кој покрај класичните податоци потребни се многу други податоци кои тешко се собираат на терен, а се поврзани со социјалата и со другите сфери на функционирање на едно општество, вели професорот од Економскиот факултет при УКИМ, Борче Треновски.
Во изјава за медиумите дадена по 4-та сесија од Работната група 6 на тема „Податоци на кои им веруваме: Предуслов за посилна економија и ефикасна борба со корупцијата“ на Националната концвенција за ЕУ во Северна Македонија (НКЕУ-МК), Треновски рече дека недостигаат статистички податоци врз основа на кои може да се донесе определена одлука или да се преземе определена мерка, посебно во борбата против корупцијата.
- Не зборуваме само за Државниот завод за статистика тој да ги собере податоците. Секоја институција има обврска да собира свои податоци и тие да ги стави да бидат достапни. Постои Закон од 2014 година за отворени податоци во јавниот сектор кој не се почитува во целост. За да добиете конкретни податоци ви требаат специфични индикатори, односно каде се конкретните податоци поврзани како се трошат јавните ресурси. Значи, за секоја јавна услуга која се нуди мора да имате детални податоци за да видите дали се испорачува, не се испорачува, зошто не се испорачува и дали е причината неефикасност или е корупција поврзана со трошењето. Едното е трошењето на јавните средства, другото е поврзано со определените услови кои се собираат. Имате и голем број други сектори за кои се потребни статистички податоци, а кои недостигаат за да може да се утврди ова, истакна Треновски.
Втората работа која е важна и на која треба да се посвети внимание, според Треновски, се индикаторите за влијанието, односно ефектите од определени мерки и политики што се преземаат.
- Ако се постави статистички индикатор тој ќе биде црвено знаменце, јасно ќе покаже дали определена политика е спроведена, не е спроведена или лошо е спроведена. Тогаш ќе ги држиме на очи и политичарите и креаторите на политиките и ќе ја бараме причината зошто е тоа така. Дали во позадина има некој корупциски интерес или има некој друг или е законски проблемот или има недоволно ресурси итн. Во оваа ситуација кога немаме поставено детален статистички систем имаме проблем да го направиме тоа, нагласува Треновски.
Посочува дека имаме голем број забелешки како функционираат институциите и дека треба да бидеме понапред од европските статистички бази, односно да воспоставиме наши индикатори кои ќе ќе покажат кое е нивото на корупција.
- Да влијаеме преку обезбедените статистички податоци и транспарентноста на нивото на корупција затоа што сите истражувања покажуваат колку е поголема транспарентноста преку објавување на податоци, толку е поголем ризикот некој да биде фатен во корупција и корупцијата паѓа. Значи, ова е потврдено во низа истражувања, посочи Треновски. нд/бак/
Фото: МИА архива