• петок, 22 ноември 2024

Трајанов со три барања до Фон дер Лајен, предлага распуштање на Собранието и предвремени избори

Трајанов со три барања до Фон дер Лајен, предлага распуштање на Собранието и предвремени избори

Скопје, 20 август 2023 (МИА) -За уставните промени нема граѓански и политички консензус, бидејќи тие се резултат на бугарските непринципиелни барања и надвор од Копенхашките критериуми, изјави денеска на прес-конференција пратеникот Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз. Тој предложи распуштање на Парламентот и предвремени избори затоа што, како што рече, „повеќе од јасно е дека нема доволна поддршка за уставни промени“.

Нагласувајќи дека Демократскиот сојуз е цврство определен државава да биде полноправна членка на Европската Унија, Трајанов соопшти дека до ЕУ и до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, упатил барање - Советот на Европската Унија да донесе одлука со која ќе ја обврзе Бугарија да ги спроведе одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, да им дозволи регистрација на здруженијата на Македонците во Бугарија за негување на нивните идентитетски, јазични, културни и други особености, со што ќе се обезбеди реципроцитет. 

-Второ, Советот на Европската Унија од Преговарачката рамка да ги изостави билателарните прашања или најмалку да донесе одлука со која ќе се дадат гаранции дека билатералните прашања не можат да бидат основа за блокада на Македонија на патот кон ЕУ. И трето, Советот на ЕУ да донесе одлука за тоа дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик по приемот на Македонија во ЕУ. Очекувам зад овие три клучни барања да застанат сите политички партии, претседателот Стево Пендаровски и Владата на Република Македонија, истакна Трајанов. 

Во однос на уставните измени што се предлагаат од Владата, лидерот на Демократски сојуз посочи дека Владата ја прифатила Преговарачката рамка „без експертска анализа, поширок граѓански и политички консенсуз и рамка во која се вградени билатерални прашања наметнати од Бугарија, прашања со кои се отвораат историски, образовни, јазични, културни и идентитетски дилеми, со кои во суштина се негира историскиот континуитет на македонскиот народ и автентичноста на македонскиот јазик“.

-Преку Комисијата за историски и образовни прашања и годишните протоколи, кои се составен дел од Преговарачката рамка, се оспорува македонскиот карактер на историските настани, македонските револуционери, па дури и Охридската архиепископија. Во суштина се „сечат“ корените на македонскиот народ, со што се доведува во прашање и неговата иднина и просперитет, рече Трајанов.

Според него, Ковачевски, Османи и Маричиќ, како и ДУИ и СДСМ, „вршат огромна манипулација дека наводно ЕУ го признава македонскиот јазик“.

-Но вистината е дека во ниту еден документ не стои дека по приемот на Македонија во ЕУ, македонскиот јазик ќе биде службен, официјален јазик во ЕУ. Во заклучоците на Советот на ЕУ стои само дека преводот на материјали (директиви, одлуки итн.) ќе се врши на макеонски јазик, но и дека  Бугарија и Македонија имаат право да дадат свои унилатерални изјави околу јазикот, кои се составен дел на пакетот документи и одлуки на ЕУ поврзани со евроинтеграциските процеси на Македонија, додаде Трајанов на прес-конференцијата. 

Поради недоволната поддршка за уставни промени, тој предложи распуштање на Парламентот и предвремени избори кои, како што рече, „се наш национален и стратешки интерес“.

-Сакам да упатам кристално чиста порака и повик до СДСМ и ДУИ: Ако сте за стабилност, за модерна и европска Македонија, вие кои ги загрозивте националните интереси и евроинтеграциите на Македонија, излезете на избори, порача Трајанов. хс/вг/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан