• среда, 08 мај 2024

Тошковски: Ќе направиме сè граѓаните да не останат заглавени без лични документи по 12 февруари

Тошковски: Ќе направиме сè  граѓаните да не останат заглавени без лични документи по 12 февруари

Скопје, 29 јануари 2024 (МИА) - До овој момент се издадени милион и 200 илјади пасоши со новото име од вкупно околу два милиона и 500 илјади, колку што треба да се заменат, а максималниот капацитет е 50 000 за еден месец, изјави министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски во интервју за „360 степени“ на МРТ.

Тој посочува дека физички е невозможно да бидат издадени сите докумети до законски утврдениот рок. Најголемиот проблем, според него, е самото печатање и издавање на пасошите.

Најавува дека ќе биде направено сè  целиот процес да се релаксира, а граѓаните да не останат заглавени без лични документи по 12 февруари.

- Токму на ова прашање се виде капацитетот на претходната влада, токму на ова прашање се виде нивната неспособност, се виде нивното неработење, јасно му е на народот колку направиле и што постигнале во овој сегмент. Ќе сторам сè  да ја релаксирам атмосферата во делот на поднесување на барање и подигање на патните исправи, ќе сторам сè  за граѓаните да се чувствуваат достоинствено во овој процес којшто треба да е најнормален, а е најненормален од денешен аспект. Тимот на луѓе со кои ќе работам и од првиот момент на моето номинирање најмногу го имам консултирано и внимание имам посветено, особено на ова прашање од организациски аспект. Ќе направиме сè  за да го релаксираме процесот и ќе направиме сè  за граѓаните на Република Македонија да не останат заробени после 12 февруари, истакнува Тошковски.

Вели дека не е запознаен со информацијата дека од пред неколку дена МВР почнало личните карти и возачките дозволи да ги доставува до домашните адреси на граѓаните, но би поддржал поедноставување на процесот.

- Сè  што ќе го поедностави процесот на достава во рамки на закон би го прифатил како техничко решение. Тука има многу проблеми од аспект на заштита на лични податоци, како ќе се спроведе целокупниот овој процес, не би сакале дополнителни проблеми да отвориме, изјави Тошковски и најави дека наскоро ќе може да даде и поконкретен одговор за ова прашање.са/хс/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Остани поврзан