• петок, 22 ноември 2024

Тони Бенет го најави својот проштален албум

Тони Бенет го најави својот проштален албум
Лос Анџелес, 4 август 2021 (МИА) - Тони Бенет го прослави својот 95-ти роденден и по тој повод го најави својот втор албум дуети снимени со Лејди Гага. „Кога го објавивме ’Cheek To Cheek‘ во 2014 година, Тони Бенет ми се јави и ме праша дали сакам да снимам уште еден албум со него, со песни на Кол Портер. Секогаш ми е чест да пеам со мојот пријател Тони и секако ја прифатив поканата. Денес сум горда што може да објавам дека нашиот нов албум ’Love For Sale‘ ќе биде објавен на 1 октомври", напиша Лејди Гага вчера на Твитер.

Песните се снимаа две години. Објавувањето беше најавено како последен албум на Бенет, бидејќи тој на почетокот на оваа година откри дека му била дијагностицирана Алцхајмерова болест, уште во 2016 година. Во февруари, се појавија наводи дека Бенет сѐ уште ги препознава блиските, и не покажува знаци на страв, лутина или депресија - вообичаени обележја на неговиот облик на деменција. Но, тешко му е да идентификува предмети од секојдневниот живот. И покрај сѐ ова, Бенет и Гага настапија заедно вчера и повторно ќе пеат утре во њујоршката „Рејдио сити“ музичка сала. Речиси целосно беа распродадени двете вечери насловени „За последен пат: Тони Бенет и Лејди Гага“. Твитерот на Бенет е преполн со честитки за роденден, меѓу другите, и од Алек Болдвин, Роберт де Ниро, Синди Лопер, Боно, „Ди Еџ“, „Поинтер систерс“, Били Џоел, Кит Ричардс, Пол Макартни, Кејти Кјурик... „Бог ви даде одличен, голем подарок и вие добро го искористивте“, напиша Алек Болдвин.  си/сд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан