• петок, 22 ноември 2024

Тигањ за МИА: Северна Македонија спроведе болни реформи, заслужува отворање преговори за членство во ЕУ што е можно побрзо

Тигањ за МИА: Северна Македонија спроведе болни реформи, заслужува отворање преговори за членство во ЕУ што е можно побрзо
Скопје, 30 мај 2021 (МИА) - Северна Македонија спроведе бројни реформи, од кои некои навистина беа и болни. Затоа сметаме дека Северна Македонија заслужува отворање преговори колку што е можно побрзо. Би сакале тоа да се случи уште за време на португалското претседателство - да се одржи првата меѓувладина конференција, односно формалниот почеток на пристапните преговори, изјави во интервју за МИА амбасадорката на Хрватска во Северна Македонија, Нивес Тигањ. Тигањ за МИА вели дека Хрватска го поттикнува и поддржува дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија за изнаоѓање решение. Таа додава дека е потребно и продолжување на реформскиот процес, со консензус на сите политички сили во државата. - Тоа е многу важно, бидејќи таквиот пристап ја потврдува посветеноста на вашата земја за вашата стратегиска цел, а тоа е членство во Европската Унија. И Хрватска имаше билатерална пречка на својот евроинтеграциски пат, па морам да кажам дека апсолутно имавме еден политички консензус, сите политички субјекти во државата имаа јасна цел и јасно определување за членство во Европската Унија, вели хрватската амбасадорка во интервјуто за МИА. Хрватската амбасадорка Тигањ подвлекува и дека европската перспектива на регионот е несомнена и оти ЕУ е посветена на политиката на проширување на Западниот Балкан. Хрватска на 30 мај го одбележува Денот на државноста. Со какви активности ќе се одбележи овој ден во земјава, имајќи предвид дека сè уште трае пандемијата? - На 30 мај Хрватска го одбележува својот Ден на државноста. На тој ден 1990 година е воспоставен хрватскиот Сабор, повеќепартиски парламент. За жал, ниту оваа година поради пандемијата и епидемиолошките мерки не сме во можност да го прославиме нашиот Ден на државноста со вообичаениот дипломатски прием. Минатата година ги посетивме болниците, медицинскиот персонал којшто е во прва линија на одбрана од болеста Ковид-19, а оваа година се одлучивме да го одбележиме нашиот Ден на државноста со посета на Домот за деца без родители „11 Октомври“. Тоа ќе биде заедничка акција на хрватската Амбасада и на Хрватскиот бизнис-клуб, каде што со пригодни донации ќе го поддржиме персоналот на домот, но и ќе им испратиме порака на децата дека не се сами и оти не се заборавени. Хрватска е силен поддржувач на евроинтеграцијата на Северна Македонија и дава континуирана политичка поддршка за отворање преговори со ЕУ. Претседателот Зоран Милановиќ на Самитот Брдо-Бриони изрази најотворена поддршка за земјава. Но, поради билатералниот спор со Бугарија, поврзан со историски прашања, Северна Македонија сè уште не може да ги отвори преговорите. Дали сметате дека тоа треба да е пречка или предуслов за отпочнување преговори, бидејќи Скопје досега ги исполни сите услови што ЕУ ги побара? - Република Хрватска генерално го поддржува процесот на европски интеграции на Северна Македонија. Северна Македонија спроведе бројни реформи, од кои некои навистина беа и болни. Затоа сметаме дека Северна Македонија заслужува отворање преговори колку што е можно побрзо. Очекуваме дека тоа ќе се случи. Би сакале тоа да се случи уште за време на португалското претседателство, да се одржи првата меѓувладина конференција, односно формалниот почеток на пристапните преговори. Хрватска очекува, го поттикнува и го поддржува продолжувањето на дијалогот со вашиот источен сосед Бугарија, со цел пронаоѓање компромисно решение. Исто така, поттикнуваме и продолжување на сите реформски процеси, со консензус на сите политички сили во државата. Тоа е многу важно, бидејќи таквиот пристап ја потврдува посветеноста на вашата земја за вашата стратегиска цел, а тоа е членство во Европската Унија. Хрватска се соочи со билатерален проблем на нејзиниот пат кон членството во ЕУ со Словенија, какви препораки ќе дадете во врска со ова прашање? - Да, и Хрватска имаше билатерална пречка на својот евроинтеграциски пат, па морам да кажам дека апсолутно имавме еден политички консензус, сите политички субјекти во државата имаа јасна цел и јасно определување за членство во Европската Унија и токму таа цел ни даде сила да се посветиме на дијалогот и изнаоѓање компромисно решение, и на тој начин 1 јули 2013 година станавме членка на Европската Унија. Значи, важно е, и тоа е пораката и до Северна Македонија, да се има јасна цел, да се посветите на дијалогот и да се прават напори таа цел да се оствари. Португалското претседателство излезе со предлог и прави силни напори Северна Македонија да ги почне преговорите до крајот на јуни. Доколку ЕУ не испорача, односно не се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, каква порака ќе се испрати на целиот регион на Западен Балкан и каков тогаш ќе биде кредибилитетот на Унијата во регионот? - Јас би се фокусирала на сегашните активности, на она сега што се случува, не би размислувала за некои негативни последици, ниту што би било кога би било. Она што е сега, морам да го кажам, тоа е факт, дека европската перспектива на земјите од Западен Балкан е несомнена. Ќе потсетам само на времето кога Хрватска претседаваше со Советот на ЕУ, кога испорачавме одлука и покрај пандемијата, кога испорачавме одлука за отворање преговори за Северна Македонија и Албанија. Ќе потсетам на силниот ангажман на германското претседателство, а и сега, како што и самите споменавте, португалското претседателство со Советот на ЕУ. Документот што минатата седмица е презентиран на Скопје и на Софија, токму со цел изнаоѓање решение во спорот меѓу вашата земја и Бугарија и со цел деблокада на европскиот пат на Македонија. Тоа се конкретни потези, конкретни активности на Европската Унија и целосно јасна цел на посветеноста на Европската Унија на земјите од Западен Балкан, односно на политиката на проширување на Западен Балкан. Веќе ја споменавте поддршката на Хрватска за Северна Македонија во евроинтеграциите, можете ли да ни кажете повеќе детали за размената на искуства во преговарачкиот процес, какви проекти спроведувате на тој план? - Освен силната политичка поддршка, Хрватска им дава силна техничка поддршка на институциите на Северна Македонија, со цел да бидат што поподготвени во преговарачкиот процес со Европската Унија. Ние кога станавме полноправна членка на Европската Унија, значи, кога ја завршивме нашата преговарачка работа, одлучивме сите наши знаења, искуства, студии и експертиза да ги ставиме на едно место, да ги зачуваме, односно да ги активираме на начин да ги поделиме со сите земји од Југоисточна Европа во нивниот пристапен процес. Воедно, тоа е и наша јасна определба и доказ колку сме посветени и колку ги поддржуваме сите земји од регионот во нивниот пристапен процес. Така што тоа го правиме низ различни инструменти, главно преку твининг-проекти и морам да кажам дека во Северна Македонија со 14 твининг-проекти, колку што спроведуваме, од кои некои се завршени, а некои сè уште ги спроведуваме, таа бројка ни потврдува дека сме најактивна држава членка во пружање техничка помош на институциите на Северна Македонија. Хрватска и Северна Македонија идната година одбележуваат 30 години од воспоставувањето билатерални односи меѓу двете држави. Како ги оценувате билатералните односи, дали има можност за зајакнување на економската соработка? - Билатералните односи на Северна Македонија и Република Хрватска се традиционално добри, пријателски и секогаш постојат можности за унапредување на тие односи, посебно кога говориме за економијата. Токму затоа Хрватската амбасада го воспостави и го иницира Хрватскиот бизнис-клуб, со цел да се поттикне таа размена на пазарите меѓу двете земји. Морам да кажам дека е очигледен интересот на хрватските фирми за пласман на нивните производи на македонскиот пазар, но од друга страна и интересот на македонските компании за пласман на нивните производи на хрватскиот пазар, така што дефинитивно постои флуктуација и интерес, и тоа е нешто на што мораме да работиме. Меѓутоа, и покрај тоа подрачје на соработка, Хрватска и Северна Македонија на пример имаат исклучителна можност за соработка и во туризмот, значи двете земји имаат што да презентираат, така што и во таа област постои можност да ја унапредиме нашата соработка, во културата, образованието, здравството... Навистина еден широк спектар на области на соработка каде што двете држави можат да работат и верувам дека и претстојната посета на претседателот Пендаровски на Загреб сигурно ќе биде одлична можност да се разгледа и да се дефинира унапредувањето на нашата натамошна билатерална соработка. Како го оценувате почитувањето на правата на македонското малцинство во Хрватска, и хрватското во Северна Македонија, и што се презема за унапредување на правата на македонското и хрватското малцинство во двете држави? - Хрватското национално малцинство, односно хрватската заедница во Северна Македонија и македонската во Хрватска се важен сегмент и би кажала богатство на нашите билатерални односи. Јас секако морам да ги пофалам напорите на Владата на Северна Македонија за она што го прават за да се подобри состојбата на хрватската заедница во Северна Македонија, тие напори се очигледни. Исто така, имаме интензивна соработка со надлежни претставници на Владата на Северна Македонија на тој план, и она што го очекуваме и се надевам дека епидемиолошките мерки ќе го дозволат, што побрзо да продолжиме да работиме, односно да го спроведуваме Договорот за заемна заштита на националните малцинства, а тоа е преку одржување меѓувладин мешовит комитет да констатираме што досега е направено, и да ги дефинираме натамошните насоки на работа. Неда Димова Прокиќ Фото: Фросина Насковиќ Видео: Аслан Вишко

Остани поврзан