• вторник, 19 ноември 2024

Тетовско семејство во судир со општината околу експропријација

Тетовско семејство во судир со општината околу експропријација
Тетово, 12 ноември 2022 (МИА) - Семејството Рушити од Тетово тврди дека не се завршени сите правни постапки и процедури за експропријација и нема да дозволат да се урива нивната куќа за да се продолжи должината на булеварот „Благоја Тоска“. Нивната реакција до јавноста доаѓа откако на прес-конференција градоначалникот на Тетово Биљал Касами најави дека процедурите околу експропријацијата се завршени и следна фаза е уривање на куќата и пробивање на целата траса за продолжување на булеварот. -Од Општина Тетово ни даваат 76.000 евра за место со површина од 462 квадрати на кое се наоѓа и нашата куќа. Ние бараме да ни се исплати 120 илјади евра и да ни остават 80 квадрати за да изградиме нова куќа вон трасата за продолжување на булеварот. Сега чекаме супер-вештачење од Министерство за правда околу висината на надоместот затоа што не се согласуваме да добиеме 76 илјади евра.  Ако дојдат во понеделник да уриваат ние нема да дозволиме, ние ќе бидеме тука. Ќе им кажеме дека процесот во суд се уште не е завршен, изјави Исљам Рушити. На прес-конференцијата по повод една година работа градоначалникот на Тетово, Биљал Касами најави дека во понеделник ќе се пристапи кон рушење на куќата со тврдење дека сите судски процедури се завршени. -На „Благоја Тоска“ продолжуваме со динамиката иако за жал не со таа што ние ја предвидовме. Се работи и во координација со други институции. За случајот, во понеделник е информирана полицијата за да асистира за да се елиминира и последната пречка во продолжување на останатиот дел од трасата на булеварот. Се надеваме дека полицијата позитивно ќе одговори ќе го елиминираме и последниот проблем. Тоа е објект каде сите законски процедури се завршени, сега треба да се отстрани граѓанинот и да се премести на друго живеалиште, истакна Касами. За да се продолжи булеварот градежни работи со рушење на објекти започнаа уште во јули 2021 година во време на претходното општинско раководство. За градежни работи општината доби средства од тн. ТАВ програма,а за експропријација средства од Владата. ас/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан